Поранешниот сопруг на Северина повторно застана пред матичар, овојпат со 12 години помладата избраничка од Риека. Венчавката ја организирале во интимна атмосфера, а Игор веќе откри дека нивниот посебен ден бил спонтан и далеку од очите на јавноста.
Игор Којиќ, синот на српскиот пејач Драган Којиќ Кеба и поранешен сопруг на Северина, го започна новото брачно поглавје. Тој тајно се ожени со својата партнерка Николина Шапоња, со која наскоро го очекува и првото дете. Веста за венчавката, која била организирана без голема медиумска помпа, брзо се прошири низ регионалните медиуми.
За разлика од претходните свадбени прослави, овојпат парот се одлучил за скромна граѓанска церемонија во присуство на најблиските. По објавувањето на веста, Којиќ се огласи за српскиот „Блиц“, заблагодарувајќи се за честитките и откривајќи дека одлуката за венчавката била спонтана.
„Ова беше нешто спонтано, интимно, па немам фотографии. Ќе ги има на лето“, изјавил тој.
Според фотографиите објавени во регионалните медиуми, Игор за посебниот ден избрал кремава комбинација со патики, додека неговата избраничка се појавила во краток бел фустан и бели чизми. Нејзиниот труднички стомак бил еден од најзабележливите детали на фотографиите од венчавката.
КОЈА Е НОВАТА СОПРУГА НА ИГОР КОЈИЌ?
Николина Шапоња доаѓа од Риека, има 27 години и е 12 години помлада од Игор. Порано се занимавала со избори за убавина, а денес работи како професионална шминкерка.
Двојката извесно време успевала да ја држи врската подалеку од љубопитните погледи, но во последниот период сè почесто споделувала заеднички моменти на социјалните мрежи. Игор првпат ја претстави Николина пред пошироката јавност кога се појавија заедно на концерт на неговиот татко.
Нивната љубовна приказна сега добива нова димензија, бидејќи парот го очекува своето прво дете. За семејството Којиќ ова ќе биде особено радосен настан, бидејќи Драган Којиќ Кеба наскоро ќе стане дедо.
ОД БРАКОТ СО СЕВЕРИНА ДО ТРЕТАТА СВАДБА
Поврзани објави
Новиот брак е трет за Игор Којиќ, чиј приватен живот со години привлекува внимание во регионалната јавност.
Неговата прва сопруга беше хрватската музичка ѕвезда Северина. Двојката се венча во 2015 година, а нивната љубов беше проследена со голем интерес од медиумите. По интимната церемонија во Истра, организираа и раскошна свадбена прослава во Белград, на која присуствуваа стотици гости. По шест години заеднички живот, во август 2021 година официјално се разведоа со спогодба.
Во јануари 2025 година, Игор повторно се ожени, овојпат со Софија Дачиќ, која беше 15 години помлада од него. И таа венчавка беше организирана во Нов Белград, без голема свадбена прослава. Сепак, нивната брачна приказна не траеше долго, па по неколку месеци следуваше разделба.
По вториот развод, Којиќ повторно ја пронајде љубовта, а врската со Николина постепено ја откриваше пред јавноста. Сега, со третата венчавка и очекувањето на првото дете, тој отвора ново поглавје во приватниот живот.
Овојпат, наместо голема свадба и медиумско внимание, Игор и Николина избрале интимна церемонија. А, судејќи според неговата изјава, поголемата прослава можеби ќе следува во лето.
Фото и видео: Инстаграм