Претставата „Воз“, во која главните улоги ги играат српските актери Воислав Брајовиќ и Сергеј Трифуновиќ, е една од најгледаните претстави на репертоарот на белградскиот театар „Звездара“. Неодамна, Брајовиќ и Трифуновиќ имале гостинска изведба на „Воз“ во театарот во Риека, Хрватска, каде имало огромно интересирање за претставата. Но, за време на изведбата се случил своевиден инцидент меѓу актерите и публиката, пишува „Вечерњи лист“. Посетителите раскажуваат дека Трифуновиќ бил видно изнервиран поради однесувањето на едно момче во публиката, кое постојано ја снимало преставата. Во еден миг, актерот му пришол, му го одзел мобилниот телефон и го фрлил на подот. Следело ракоплескање од другите присутни.
Меѓутоа, постојаното снимање не е единственото нешто коешто му пречело на српскиот актер. Изведбата на филозофската драма за проф. Бели и ексзатвореникот Црни, постојано била прекинувана со известувања од мобилни телефони, мрморење од публиката, шушкање, а Трифуновиќ, според наводите, постојано се осврнувал и на упорно кашлање во публиката што не можело да се занемари. „Во еден миг, обраќајќи се кон првиот ред, рече дека може слободно да ја ‘отвори бонбоната’ бидејќи тоа воопшто не им пречи, а потоа на присутните им порача дека само тие (актерите) треба да разговараат, бидејќи ‘нема смисла да се натсинхронизираат’“, сведочи еден гледач. Инаку, бесплатната претстава пред љубителите на театарот ја претставија Советот на српското национално малцинство во Приморско-горската жупанија во Хрватска и Српското културно друштво „Просвјета“.