Почетна Убавина и здравје„Само среќниот човек е убав човек“ – Убавина и здравје

„Само среќниот човек е убав човек“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Со актерката Танкица Стојанова разговаравме за убавината, негата и самодовербата

Да се биде актер значи да се портретираат различни ликови, што подразбира постојана трансформација, испробување разновидни костими и шминка. Притоа, изгледот игра важна улога, но не и клучна, а за тоа најдобро може да ни раскаже некој што редовно настапува на театарската сцена. Со Танкица Стојанова, актерка во Струмичкиот театар „Антон Панов“, разговаравме за негата, за денешните стандарди за убавина и за значењето на внатрешната убавина.

Колкава улога игра изгледот во твојата професија?

Изгледот игра голема улога, но не и пресудна. Тој е еден од многуте фактори што води до успехот на еден актер. Но способноста да се приспособи на сцена, да влезе во лик, да пренесе емоција и таа да допре до публиката, е основата на секој успешен актер. Оваа професија е многу специфична и изискува голема грижа, и физичка и психичка.

Што мислиш за денешните стандарди за убавина кои се пласираат на социјалните мрежи?

Целиот тој „совршен“ свет на социјалните мрежи е нереален и пресреќна сум што воопшто не влијае врз мене. Но жал ми е кога гледам дека голем дел од помладата популација се обидува да следи некакви трендови по секоја цена, притоа губејќи се себеси. Секој човек е убав на свој начин. Само среќниот човек е убав човек и треба да бидеме среќни и благодарни за сè, секој ден.

Работата на актерите налага носење тешка шминка на сцена, што може да остави последици на кожата…

Точно е тоа дека користиме многу тешка шминка на сцена и се случува кожата да реагира, особено кога времето е потопло. Затоа, по секоја претстава задолжително ја вадам шминката, го мијам лицето со ладна вода и нанесувам хидратантен крем. Секојдневно користам серум со витамин Ц и крем за лице со заштитен фактор.

Колку често се шминкаш во приватниот живот?


Поврзани објави

Многу ретко, од свадба на свадба. Секојдневно носам само маскара, евентуално линија туш и балсам за усни. Претпочитам нежна шминка и секогаш одбирам лесна пудра и руменило доколку е неопходно.

Како ги негуваш духот и менталното здравје?

Работата на себе секогаш треба да ни биде на прво место. Често знам да се изгубам низ страниците на добра книга, обожавам природа, добра музика и позитивна енергија. Најважно ми е да сум опкружена со луѓето што ги сакам и почитувам.

Кои се твоите најсилни страни, а кои работи кај себе би сакала да ги промениш?

Насмевката дефинитивно ми е најсилната страна. Колку и да ни е тежок денот, една вистинска насмевка може да промени многу нешта. Никој не е совршен, па така ни јас, но се обидувам да не си ставам сè при срце, да сфатам дека луѓето доаѓаат и си заминуваат од нашите животи и дека треба да бидам благодарна за секоја нова, научена лекција.

Кои се твоите трикови за поголема самодоверба?

Секогаш се преиспитувам пред да направам нешто, и на приватен и на професионален план. Јас сум авантуристка, сакам нови искуства и секој ден се стремам да ми биде различен од претходниот. Сите мои несигурности сега се надминати, благодарение на моите родители, кои секогаш ми се ветер во грбот и целосна поддршка за секој мој чекор. Благодарна сум што ме научија дека животот не е розов и дека со сите ситуации треба да се изборам со крената глава и со позитивна мисла.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА