Table of Contents
Летото не е создадено за часови поминати во кујната. Тоа е сезона за долги ручеци, спонтани вечери, пријатели на тераса и чаша добро разладено вино. Затоа, наместо комплицирани менија и бескрајни списоци за пазарење, ви носиме рецепти што се приготвуваат брзо, изгледаат како да пристигнале од ресторан и, што е најважно – ви оставаат време да уживате.
Свежа, шарена и преполна со летни вкусови – оваа кус-кус салата е токму она што ви треба кога сакате вкусен оброк без непотребно поминато време во кујната.
Комбинацијата од сочни праски и шери домати, крцкавиот зеленчук, печеното цвекло и ароматичното песто од сушен домат ѝ даваат на салатата богат вкус и прекрасна боја.
Одлична е за лесен ручек или вечера, но и за носење на работа, пикник или ден поминат покрај море. А најубавото? Можете да ја приготвите однапред и само да ја извадите кога ќе огладнете.
Потребни состојки:
- 10 лажици кус-кус
- 1 црвена пиперка
- ½ краставица
- 1 мал црвен кромид
- 1 праска
- 10 шери домати
- 4 лажици песто од сушен домат
- 1 печено цвекло
- 1 лажица ситно сечкан свеж магдонос
- 50 мл маслиново масло
- 4 лажици јаболков оцет
- сол и свежо мелен црн пипер по вкус
Пориготвување:
1. Кус-кусот е првиот чекор.
Пригответе го според правилото 1:1 – еднаква количина кус-кус и топла вода. Прелејте го со топлата вода, поклопете го и оставете го неколку минути за да ја впие течноста и убаво да набабри.
2. Додека кус-кусот отстојува, подгответе го зеленчукот.
Пиперката, краставицата, црвениот кромид, праската, шери доматите и печеното цвекло исечкајте ги на мали парчиња.
Поврзани објави
3. Време е за вкусовите.
Во голем сад соединете ги исечканиот зеленчук и овошјето, па додајте ги пестото од сушен домат, свежиот магдонос, маслиновото масло и јаболковиот оцет. Зачинете со сол и свежо мелен црн пипер.
4. Финалниот допир.
Откако кус-кусот целосно ќе се излади, додајте го во садот со останатите состојки. Нежно промешајте за сите состојки да се соединат и вкусовите рамномерно да се распоредат.
Мал трик
Оставете ја салатата неколку минути во фрижидер пред сервирање. Така вкусовите уште подобро ќе се соединат, а ќе добиете освежителен оброк идеален за топлите денови.
Сервирајте, уживајте и не брзајте. Летото е премногу кратко за да го поминеме пред шпоретот.
Текст: Марија Лукаревска
Фото: Инстаграм