Почетна ЕкономијаСАД инвестираат 500 милиони долари во критични минерали

САД инвестираат 500 милиони долари во критични минерали

од nenad
2 минути читај за

Американското Министерство за енергетика додели вкупно 500 милиони долари за седум проекти насочени кон зголемување на ископот и преработката на критични минерали, производство на батерии и рециклирање во САД.

Меѓу компаниите што добија поддршка е и Nth Cycle, компанија за преработка на критични метали и рециклирање на батерии, која е поддржана од мултинационалната „Трафигура“. Компанијата е позната на македонската јавност како инвеститор поврзан со проектот за бакар Иловица-Штука.

Средствата од американската влада ќе бидат наменети за објект за преработка на метален отпад од батерии, познат како „црна маса“, материјал богат со минерали што може повторно да се искористат. Претходно овој месец, администрацијата на Трамп го блокираше извозот на „црна маса“, во рамки на напорите за зголемување на домашното производство и рециклирање на критични минерали.

Поддршката за Nth Cycle доаѓа во период кога владите ширум светот преземаат мерки за намалување на зависноста од Кина за критични метали.

Групацијата Трафигура, во чие портфолио во фокус се и критичните минерали, е мнозински акционер во „Еуромакс ресоруцес“, која е носител на проектот за рудник за бакар во Иловица. Инвестицијата е во застој и покрај фактот дека бакарот се смета за еден од најкритичните минерали, потребен во повеќе индустрии, а особено важен за одбраната и зелената транзиција.

Инаку, како што соопштија од американското Министерство за енергетика (DoE), избраните проекти ја унапредуваат агендата на претседателот Доналд Трамп за зајакнување на домашните синџири на снабдување со критични минерали во Америка, намалување на зависноста од странски извори, зајакнување на националната безбедност и унапредување на американската енергетска доминација. Во Македонија пак, се актуелизираше соработката со американското Министерство за енергетика откако преку Стратешкиот дијалог со САД, на компанија и беа доделени пет милиони евра за геолошки истражувања за антимон недалеку од Крива Паланка.

„Предолго време Америка зависеше од странски актери во снабдувањето со критичните материјали кои се неопходни за современиот живот, кои ја поткрепуваат нашата економија, енергетската безбедност и националната безбедност. Претседателот Трамп ја надминува таа зависност, преку обезбедување на наши синџири на снабдување со критични минерали, ослободување на американската индустрија и враќање на производството и преработката на критични материјали во Соединетите Држави“, изјави американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.

„Министерството за енергетика презема решителни мерки за да ги обезбеди критичните синџири на снабдување неопходни за напојувањето на нашата нација. Овие проекти ја нагласуваат посветеноста на Министерството за енергетика за поттикнување на иновациите, намалување на зависноста од странски извори и промовирање на американската енергетска доминација“, изјави помошничката секретар за енергетика, Одри Робертсон.

Како што се додава во соопштението, критичните минерали и материјали се од суштинско значење за американската индустрија, за производството на енергија и за националната безбедност. Проширувањето на домашниот капацитет ќе помогне ресурсите што ѝ се потребни на Америка да се преработуваат, произведуваат и рециклираат во Соединетите Американски Држави.