Почетна ЕкономијаРуте: Сојузниците треба да трошат за одбрана исто колку и САД

Руте: Сојузниците треба да трошат за одбрана исто колку и САД

од nenad
2 минути читај за

Генералниот секретар на НАТО изјави денес при пристигнувањето на самитот на Пактот во Хаг дека му е сосема јасно оти САД се целосно предадени на НАТО и на членот 5 од Договорот за Алијансата, но сепак очекуваат Канаѓаните и Европејците да ги зголемат своите издатоци за одбрана.

“Чесно е да трошиме, исто колку што трошат и САД,” рече Руте, додавајќи дека сојузниците треба да се осигураат дека ќе можат да се одбранат “од Русите и другите”.

Тој истакна дека во услови на долгорочна опасност од Русија, огромното зголемување на кинескиот воен потенцијал и поддршката на Кина, Северна Кореја и Иран на руските воени напори во Украина, навистина е клучно земјите членки на НАТО да инвестираат повеќе во одбраната.

“Тоа ќе биде главната точка на агендата денес – нов план кога станува збор за трошоците и за зајакнување на одбранбеното индустриско производство,” изјави Руте.

Тој нагласи дека одбранбената индустрија мора да произведува повеќе, бидејќи во НАТО има фантастични компании, но неопходно е вложување за да се гарантира производство на доволно муниција и на сите други потреби.

“Секако, ова се тешки одлуки, да бидеме искрени. Мислам дека политичарите мора да донесат одлуки и тоа не е лесно,” додаде генералниот секретар на НАТО.

Руте потенцираше дека многу членки на НАТО кои најавуваа дека ќе го достигнат сегашното ниво на трошоци за одбраната од два отсто од БДП до 2030 година, сега се обврзале да го сторат тоа уште во текот на оваа година. “Тоа секако не е лесно. Земјите мора да најдат пари. Потребни се политички одлуки и целосно го разбирам тоа.”

“Но, во исто време имам апсолутно убедување дека со моите колеги на масата, со заканата од Русија и со актуелната меѓународна безбедносна ситуација, немаме алтернатива и мораме да го направиме тоа,” нагласи Руте.

Тој додаде дека на самитот ќе се дискутира и за обезбедување долгорочна поддршка за Украина за да може да се брани, но и да може да се постигне траен мир.

“Така, ова ќе биде трансформациски самит и со нетрпение го очекувам,” заклучи Руте.
сп/ Фото: МИА Архива.
Извор: МИА