Почетна ЕкономијаРистески: Поголем буџет за самовработување, ЕСС ќе ја анализира потрошувачката кошничка и инфлацијата

Ристески: Поголем буџет за самовработување, ЕСС ќе ја анализира потрошувачката кошничка и инфлацијата

од nenad
2 минути читај за

Министерството за економија и труд ќе предложи на Владата да го зголеми финансирањето на програмите за поддршка на бизнисите преку самовработување. За таа цел, ќе се обезбедат дополнителни средства во износ од приближно 2,5 милиони евра, со цел да се помогнат малите бизниси. Ова го соопшти заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, за време на посетата на Прилеп.

Со предложеното зголемување, буџетот за проекти за самовработување ќе се зголеми од 5 на 7,5 милиони евра. Причина за ова е големиот интерес за трите огласи на Агенцијата за вработување за оваа мерка, која претставува најпривлечен дел од оперативниот план за вработување кој опфаќа 40 проценти од младите луѓе. Ристески посочи дека има околу 6.000 пријави на огласите, и дека наместо 1.750 лица, државата ќе поддржи 2.600 лица кои ќе започнат сопствен бизнис.

Министерството за економија и труд ќе побара дополнителни средства на следната седница на Владата. “Според тоа, како Министерство, како предлог, заедно со АВРМ побаравме и очекуваме од Владата прелокација на финансиски средства на наредната владина седница. Очекуваме да се издвојат нови 300 милиони денари кои ќе бидат употребени за оваа најатрактивна мерка, мерката за самовработување. Со тоа бројката би се зголемила на 2 600 лица кои би отвориле сопствен бизнис, претежно млади луѓе до 29 години, но ќе ги опфати и сите активни баратели на работа и над 29 години. Да напоменам дека оваа мерка ќе биде поддржана и со плус 160 милиони денари кои се обезбедени со ребалансот на буџетот. Или, вкупно, овие мерки ќе бидат поддржани со зголемен буџет од над 7,5 милиона евра”, изјави Ристески.

Во однос на потрошувачката кошничка и нејзиното пресметување, ова прашање ќе се најде на дневен ред на Економско-социјалниот совет (ЕСС), од чии заклучоци ќе зависат идните мерки на Владата. Ристески изрази надеж дека ЕСС ќе биде свикан до крајот на следната недела. “Досега интензивно работеше комисијата за одредување на репрезентативност, формирана пред неколку месеци. Меѓутоа, поради летните одмори, малку беше пролонгирано, но е завршено броењето од синдикатите кои треба да добијат реперзентативност во текот на овој период и се надевам дека до крајот на наредната недела, ќе биде официјално свикан Економско-социјалниот совет со дневен ред. Една од дискусиите ќе биде стапката на инфлација, заштита на животниот стандард и можноста дали и понатаму ќе се одредуваат нови мерки или не. Ние ја следиме ситуацијата и сето тоа ќе биде и сето што ќе биде донесено ќе биде во договор на сите страни кои учествуваат во Економско-социјалниот совет, односно со еден заеднички трипартитен договор”, изјави Ристески.

ем/вј/Фото: МИА
Извор: МИА