Најголемата авиокомпанија во Европа и авиопревозникот со најбрз пораст во Албанија, „Рајанер“, ќе ја отвори својата прва база на аеродромот во Тирана во април 2026 година, објави Топ Чанел.
Компанијата планира да распореди три авиони Боинг 737-800, што претставува инвестиција во вредност од 300 милиони долари. Со проектот се предвидуваат повеќе од три илјади работни позиции, вклучувајќи приближно 100 нови, добро платени работни места за пилоти и кабински екипаж, информира телевизијата.
Во текот на летната сезона наредната година, авиокомпанијата ќе реализира повеќе од 450 неделни летови од Тирана до вкупно 33 дестинации во 13 држави. Планирани се десет нови линии до Бирмингем, Даблин, Милано (Малпенза), Малта, Неапол, Пескара, Познањ, Трст, Торино и Верона.
Освен тоа, компанијата ќе го зголеми бројот на летови на девет постоечки линии, вклучувајќи ги Бари, Лондон, Прага, Стокхолм и Варшава. Според главниот извршен директор на компанијата, Мајкл О’Лири, со отворањето на базата, компанијата има за цел да го зголеми својот капацитет на аеродромот во Тирана на околу четири милиони патници годишно.
„Владините политики под раководство на премиерот Еди Рама ја намалија царинската такса од 10 евра на само 1 евро, што прави голема разлика во охрабрувањето на новите посетители да дојдат во Албанија. Но, за нас е важна и трансформацијата на аеродромот. До пролет 2026 година ќе биде завршено проширувањето на терминалот, со осум нови порти за качување, и без нив немаше да можеме да ја зголемиме активноста тука“, изјавил О’Лири.
Во текот на следните пет години, компанијата има намера да го зголеми бројот на авиони на шест, да воведе повеќе од 20 нови рути и да превезува над пет милиони патници годишно до 2030 година, под услов „да се одржуваат ниски такси и поволни услови за пристап“.
Телевизијата наведува дека ова ќе биде првата постојана оперативна база во Албанија, што означува нов период во развојот на воздухопловниот сообраќај на земјата и нејзината поврзаност со остатокот од Европа.
Фото: принтскрин Топ Чанел