Почетна ЕкономијаРаководителка на штедилница во Кавадарци осомничена за проневери и злоупотреби на парични средства од граѓани

Раководителка на штедилница во Кавадарци осомничена за проневери и злоупотреби на парични средства од граѓани

од nenad
1 минути читај за

Раководителка на штедилница во Кавадарци е осомничена за проневери и злоупотреби на парични средства од граѓани, информираа денеска од Јавното обвинителство.

-Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против едно лице и презема предистражни дејствија поради сомненија за повеќе кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем и Проневера во службата. Постои основано сомнение дека осомничената, раководителка на филијала на штедилница во Кавадарци, подолг временски период преземала дејствија на измами и злоупотреби на парични средства на штедачите. Таа реализирала фиктивни кредити на име на оштетени граѓани и не ги евидентирала прописно нивните депозити, прибавувајќи така противправна имотна корист – соопштија од Обвинителството.

Оттаму наведуваат дека со цел обезбедување докази, врз основа на наредба обезбедена од Судот по барање на јавниот обвинител, вчера биле извршени повеќе претреси и била одземена документација и други предмети.

-Откако дејствијата на осомничената биле откриени, штедилницата го прекинала нејзиниот работен однос. Поради ризикот од бегство, јавниот обвинител достави предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патната исправа и обврска за осомничената да се јавува во судот – додадоа од Обвинителството и најавуваат дека продолжуваат да преземаат дејствија за целосно испитување на настанот.

Извор: МИА