Почетна ЕкономијаРазмислувања за туристичка такса за еднодневни посети на мали грчки острови

Размислувања за туристичка такса за еднодневни посети на мали грчки острови

од nenad
1 минути читај за

Малите грчки острови Пакси и Итака, лоцирани во Јонското море, размислуваат за можноста да воведат посебен данок за еднодневните туристички посети поради прекумерниот туризам. Ова е во насока на следење на примерот на островот Сими, пишува грчкиот весник „Катимерини“, пренесе дописничката на МИА од Атина.

Градоначалникот на Сими, малиот остров во близина на Родос и турскиот брег, минатиот месец побара одобрение од Министерството за внатрешни работи на Грција за воведување данок од три евра за посетителите кои доаѓаат на еднодневна екскурзија. Овој пример е можно да го имитираат и Пакси и Итака.

„Катимерини“ наведува дека челниците на двата острови го очекуваат исходот од иницијативата на Сими, а потоа ќе ги донесат своите одлуки.

Градоначалникот на Пакси, Спиридон Влахопулос, за весникот изјавил дека доколку Владата, преку Министерството за внатрешни работи, дозволи воведување на ваков данок, тогаш е подготвен конкретното прашање да го покрене на седница на општинскиот совет со цел да се донесе одлука.

Од друга страна, градоначалникот на Итака, Дионисис Станицас, истакнал дека на крајот на сезоната ќе се процени оваа можност.

Пакси, Итака, како и Сими се мали острови со 2.500 – 3.000 жители, кои секоја година се соочуваат со голем број туристи. Евентуалното воведување данок за туристите кои пристигнуваат на еден ден без да преноќат, би имало за цел зајакнување на основните услуги на островите.