Почетна ЕкономијаРадарот на скопскиот аеродром во функција, проблемот решен за три дена – вели Николоски

Радарот на скопскиот аеродром во функција, проблемот решен за три дена – вели Николоски

од nenad
3 минути читај за

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денес објави дека радарот на аеродромот во Скопје е повторно во функција. Тој појасни дека е пронајден резервен дел и проблемот е решен за исклучително кратко време, односно за само три дена.

Сепак, Николоски истакна дека било утврдено дека во минатите години радарот функционирал само со еден канал.

Тој дополнително нагласи дека радарот е стар 27 години и дека претходната влада не донела одлука за инсталирање на нов радар. Во врска со тоа, најави дека на следната седница на Владата ќе биде донесена одлука за негова инсталација во најскоро можно време.

Во текот на трите дена додека се решавал проблемот со радарот, Николоски потенцираше дека безбедноста на воздушниот сообраќај не била загрозена. Како доказ за тоа го наведе фактот дека ниту една авиокомпанија не ги откажала своите летови. “Би сакал да споделам убави добри вести, а тоа е дека од утрово радарот е ставен во функција, и проблемот е решен. Така што, од утрово имаме целосно функционален радар на скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Би сакал да кажам дека успеавме проблемот да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што не беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација на повеќе ресори од Владата, благодарност до сите, како и на премиерот, но и благодарение на активната работа на раководството на МНАВ, на сите стручни лица во МНАВ, како и во пријателска соработка со неколку странски држави успеавме да најдеме решение и се двата канали се во функција. Значи не еден, туку два канали имаме функционални”, рече Николоски, изразувајќи благодарност до контролата на летање од Бугарија и до италијанската Влада.

Вицепремиерот уверува дека во наредниот период не постои ниту теоретска можност за било какви проблеми. “Она што исто така сакам да кажам е дека мислам оти опозицијата мора да е многу внимателна кога изнесува информации во јавност, пред се коишто се од безбедносен карактер, затоа што последно нешто што ни треба да се створи паника меѓу населението. Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие три дена, и гледате најнормално полетуваа и слетуваа на аеродромот во Скопје авиони од сите авиокомпании, ниедна не откажа, затоа што сите безбедносни протоколи беа испочитувани и така ќе продолжи да биде и во иднина”, додаде вицепремиерот Николоски.

Според него, главното прашање е зошто радарот е стар 27 години. “За него престанале да се произведуваат делови пред седум години, односно на 20-тата година од инсталирањето на радарот веќе не се произведуваат резервни делови и навистина е чудо како успеавме да најдеме резервни делови. Во исто време сакама да прашам зошто претходната влада на СДСМ не го инсталираше, не го монтираше целосно новиот радар којшто е пристигнат во Скопје од компанијата Леонардо и стои немонтиран. И еве да најавам на следната седница на Влада во вторник ќе донесеме одлука со којашто ќе пристапиме кон монтирање на радарот, така што ќе имаме целосно нов радар за контрола на летање”, изјави Николоски.

Тој истакна дека од 12 часот на пладне скопскиот аеродром има функционален радар. “Јас денеска слетав на скопскиот аеордорм. Така што и тоа е една гаранција за безбедност, што сум решил и јас да го користам скопскиот аеродром”, заклучи вицепремиерот и министер за транспорт Николоски, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во реализацијата на инфраструктурни проекти во Општина Кавадарци.