Во присуство на претставници на менаџментот на компанијата, предаден е во употреба уште еден успешно реализиран инвестициски потфат во рамките на профитниот центар Фармација. Станува збор за нов објект кој обезбедува централизирано решение за подготовка и за движење на вработените низ производствените погони во Производство –
Фармација, со повеќе од 900 гардеробни места наменети за вработените. Комплексноста на оваа инвестициска фаза произлегува од потребата за функционална поврзаност со сите производствени целини на локалитетот – производство и пакување цврсти, полуцврсти и течни фармацевтски форми – кај кои се практикува различен пристап во процесите, при што вработените добиваат уште подобри услови за безбедна работа. Вкупната површина на новиот објект изнесува 4.100 m2, за чија изградба и опремување се вложени 3,8 милиони евра. Покрај сервисните простории, овој нов објект ќе вклучува и изложбени поставки од 88-годишниот историјат на компанијата.