Шефот на руската држава, Владимир Путин, наводно дал предлог за прекин на непријателствата и замрзнување на линијата на фронтот во Украина, доколку Киев ѝ ја предаде на Русија целосната власт над Донбас, објави Блумберг.
Според изворите, Путин го презентирал овој услов за време на средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска. Последователно, Трамп го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и европските лидери за предлогот.
Донбас е составен од двата источни украински региони – Доњецк и Луганск – индустриска зона каде што се водат судири од 2014 година, по руската анексија на Крим и вооруженото заземање на делови од регионот од страна на проруски сили. Кратко пред целосната инвазија во 2022 година, Путин ги прогласи целите области Донецк и Луганск за „независни“.
Во моментот, ситуацијата на терен е дивергентна: Луганск е речиси целосно под руска окупација, додека во Доњецката област околу 70 проценти се под руска контрола, а 30 проценти остануваат под Украина.
Западниот дел од Доњецк е од клучно значење за одбраната на Украина, бидејќи таму се наоѓаат добро заштитените градови Краматорск и Словјанск. Нивното евентуално паѓање би ѝ овозможило на Русија постепено да ја освои целата област.
Западните медиуми известуваат дека Путин му рекол на Трамп дека Русија би се согласила на прекин на борбите на останатите делови од фронтот и „замрзнување“ на сегашните линии доколку добие целосна контрола над Донбас. Тоа би подразбирало дека Москва ќе го задржи и најголемиот дел од окупираните територии во регионите Херсон и Запорожје.
Според западните медиуми, Зеленски веќе го отфрлил овој план во разговор со Трамп и европските лидери. Таков договор би значел дека Украина се откажува од територии што сè уште не се окупирани, со што Русија де факто би го добила целиот Донбас.