Партијата на слободата, на поранешниот албански претседател Илир Мета, денеска одржа протест пред зградата на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), што е прв политички протест досега одржан во Албанија пред зградата на обвинителството, од неговото формирање во ноември 2019 година.
Протестот од затворски притвор го свика Мета, по апсењето по налог на СПАК во октомври годинава, кое го товари за три кривични дела.
За да се обезбеди ред и да се избегне ескалација на ситуацијата, бројни полициски сили ја опколија зградата на СПАК.
На протестот беше забележано отсуство на главните политички фигури од редовите на Демократската партија на Сали Бериша, на чии протести редовно учествуваше Партијата на слободата.
Бериша тоа го најави пред неколку дена кога изјави дека „опозицијата не треба да се занимава со СПАК, туку со Еди Рама“.
Поддржувачите на партијата држеа плакати, на кои пишуваше и на англиски јазик, „Не за диригирана правда“ „Алтин Думани платеник на ренесансата“ „СПАК срамот на реформите во правдата“ а на голем транспарент „Не за правда со режим“.
Протестот го предводеа генералниот секретар Теди Блуши, пратеничката Ериса Џиџо како и адвокатот на Мета, Генц Ѓокутај, истовремено член на раководството на оваа партија.
Во својот говор, Блуши, го обвини СПАК дека е „уништувач на реформите во правосудството и ја штити корупцијата“.
-Оваа институција со своето неуставно и противзаконско дејствување ја уби вербата на граѓаните во правдата и правната држава, станувајќи едно со мафијата на власт.
СПАК е крајниот уништувач на реформите во правосудството и на секоја надеж на слободните, чесни, родољубиви Албанци за еднаквост пред законот.
Оваа институција произведува неправда, антизаконие и антисамоволие. Овде сме денес затоа што СПАК е цевката за кислород за нај корумпираната нарко-влада во Европа и светот.
СПАК е правен бранител на изборниот криминал, обвини Блуши.
Го обвини и првиот човек на СПАК, Алтин Думани, нарекувајќи го платеник на ренесансата (изборен слоган на Социјалистичката партија), кој, според него, реализира мисија на политички прогон на опозицијата.
Адвокатот Ѓокутај, ги осуди сериозните прекршувања на законот и „злоупотребите на власта од страна на државните институции, кои се ориентирани да ја прогонуваат опозицијата“.
Тој кажа дека до СПАК поднеле кривични пријави за полициските службеници за „нехуманиот однос при апсењето на Мета“, додавајќи дека „апсењето на Мета е дел од планираната стратегија за изолирање и маргинализирање на политичките противници“.
вт/Фото: ФБ на Теди Блуши .
Извор: МИА