Годинашната прослава на 2 Август – денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и првото заседание на АСНОМ, традиционално ќе биде на три локации – на Мечкин Камен во Крушево, во пелинце и на скопскиот плоштад. Според вообичаениот систем на ротација, оваа година во Крушево ќе биде претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски ќе оди на Пелинце, а во Скопје ќе биде премиерот Димитар Ковачевски.
Засега не се знае дали Пендаровски од Пелинце ќе има можност да оди и во манастирот Прохор Пчински, иако лани, првпат по 18 години, по прославата во Скопје, предводеше државно-црковна делегација која што го посети манастирот во кој е одржано првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.
Инаку, лани, според системот на ротација, во Крушево беше премиерот Ковачевски, во Пелинце беше собранискиот спикер Џафери, а во Скопје претседателот Пендаровски.
Претходната 2021 година Пендаровски се обиде да воспостави нов концепт на прослава на 2 Август и ги покани лидерите на сите политички партии да дојдат на прослава во Крушево, но на поканата позитивно одговори само претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Идејата беше по 30 години да се избегнат поделби и тоа да биде симболичен чин на обединување. Тогаш немаше говор во Крушево, туку претходно претседателот се обрати до македонската јавност. Сепак, оваа идеја не заживеа.