Почетна Убавина и здравје„Привилегија е да се доживее убава старост“ – Убавина и здравје

„Привилегија е да се доживее убава старост“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Со познатата водителка и диџејка разговаравме за самодовербата, за прифаќањето на себеси и промените што ни ги носи времето

„Стандарди за убавина? Никој никаде не би можел да наметне таков момент!“, вака гласеше одговорот на Вера кога ја прашавме што мисли за денешните стандарди за убавина. „Кога би постоело такво нешто, светот би бил унифициран, ставен во калапот на нечии спознавања за поимот убавина. Секое око различно доживува, секое око сака да го види она што нему му претставува предизвик. Секој има свои лични стандарди!“

Вера Јанковиќ годинава влезе во 7. деценија и прослави 40 години кариера, но очигледно е дека годините ништо не ѝ можат.

„На времето му останува само да ги брои годините. Некој ќе каже ‘не сум стар, стара ми е личната карта’. Пабло Пикасо ќе додаде ‘потребно е многу време за да станеш млад’, а јас ќе заклучам – таков си како што се негуваш, со сите години што ги носиш на грб. Многу сум дисциплинирана и посветена на моите животни ритуали, тука не правам никакви отстапки. Активна сум физички, преполна сум со енергија, благодарение на храната што ја консумирам. Си го правам ќеифот. Пешачам, слушам музика, уживам со ракиичка и скопски салатки, обожавам да јадам грижливо зготвена храна. Уживам во малите задоволства. Тајната на младоста е да бидете свои и да си го чувате сопствениот микрокосмос. И да не заборавам – да го негувате детето во себе!“

За Вера не постои страв од годините, напротив, смета дека привилегија е да се доживее убава старост:

„Страв, каков страв? Тогаш зошто воопшто почнуваме да го градиме патот по којшто ја испишуваме нашата животна сторија? Јас би рекла дека привилегија е да се доживее убава старост, некои, за жал, никогаш нема да го искусат тоа… Им се радувам на мудрите, среќни старци кои оставиле цело едно богатство и сопствен печат зад себе. На крајот, сите ние сме обични смртници, така ја заокружуваме сопствената приказна. Нека ја прераскажуваат сите!“


Поврзани објави

И Вера поминала низ сите етапи на несигурност во себе, но само така смета дека можеш да ја изградиш сопствената автентичност:

„За да бидеш сигурен во себе, мора да поминеш низ безброј несигурности. Ќе разговараш со другиот во себе, некогаш и со повеќето. Ќе викаш и ќе урлаш. Ќе им веруваш на неколкуте избрани пријатели, ќе си ги удостоиш душата и телото со сите можни нешта за кои некој можеби и ќе ти пререче. Мора да се почитуваме себеси, ние сме само гости на овој свет, немаме време за ступидни изговори. Животот е за да се живее и да се ужива. Само реализиран човек оди напред, па така, често знам да кажам: што зрачиш тоа и привлекуваш!“

А каква слика има изградено таа за себе?

„Искрено, научени сме да слушаме за сопствениот изглед од другите. Понекогаш повеќе уживаме во таа слика отколку во онаа што ја имаме изградено за себе, и тоа до некаде е нормално. Човекот е неблагодарно суштество, никогаш не е целосно задоволен со тоа што го има на себе и во себе. Дали би променила нешто кај себе? Сигурно да, не постои таков што не би променил, но каде би водело тоа? До некоја Вера која е поинаква од оваа што битисува веќе 60 години! Ќе си останам доследна на неа! Ваква светот ме запозна, ваква ме сака!“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА