Грижата за животната средина е чувство кое треба да го има во секој еден од нас, ако сакаме да се сметаме за одговорни членови на заедницата. А тоа чувство треба постојано да се поттикнува, да се негува, да се прикажува како добар пример и од него да се создаде вистинска трајна вредност која ќе го краси нашето општество. Токму тоа е и мотивацијата која стои зад основањето на Пакомак, непрофитна компанија која веќе 15 години го предводи еко движењето во земјава, ги охрабрува здравите навики и се грижи околината да биде чиста за сегашните и за следните генерации.
Во годината кога Пакомак прославува 15 години на успешна работа, добро е да се потсетиме зошто започна оваа приказна, како се надградуваше за денес да стане вистински еко пример во нашата заедница.
Почетоците на Пакомак датираат од 2010 година, поточно од 3 декември – датумот кога оваа организација и официјално е регистрирана како непрофитен субјект чија дејност е управување со отпад од пакување. Основачи на компанијата се 11 водечки производствени компании во Македонија, кои заедно вложија за подобра и почиста иднина. Мисијата на Пакомак уште од првиот ден е да создаде услови за чиста и здрава животна средина преку подигање на свеста за селектирање на отпадот и промовирање на зелени навики, но и со подобрување на отпадната инфраструктура во земјата. И оваа заложба трае и ден денес, кога компанијата работи со полна пареа во практично сите македонски општини и се грижи амбалажниот отпад да заврши онаму каде што му е местото, наместо на депонија.
Зелените контејнери за одложување на стакло, жолтите за пластика и лименки и сините за хартија може да се забележат речиси во секое населено место, означени со знакот за рециклирање и со логото на Пакомак. А од година во година, бројот на поставени контејнери се зголемува а нивните стратешки одбрани позиции овозможуваат се’ поголем број на корисници да имаат лесен пристап до нив.
Но, во изминатите неколку години Пакомак почна да воведува и нов концепт на одложување и управување со отпадот, со Повратните вендинг машини (ПВМ) и нивната поврзана мобилна апликација ЕкоМак. Преку овој систем граѓаните имаат можност за секое одложено шише или лименка да добијат „зелени поени“, кои потоа преку апликацијата можат да ги искористат за плаќање на сметки, комунални трошоци, купување влезници за настани или пак да ги донираат за некоја од целите предвидени во апликацијата. Ваквиот концепт на поврат на „зелени поени“ е уникатен и за првпат е спроведен успешно токму во Македонија, благодарение на Пакомак и Швајцарската амбасада која е партнер во проектот. Поставените ПВМ веќе вродуваат со плод и во последните две години се забележани одлични резултати, а притоа се’ повеќе општини се интересираат за нив поради концептот на двојна корисност. Така на пример, преку овие машини во помалите еколошки свесни општини како Берово во 2024 беа собрани 407.559 парчиња отпад, додека во поголемите како што е Центар (Скопје) се собраа 2.855.581 парчиња во текот на 2024 година. Тоа значи дека секое едно од овие парчиња отпад заврши на вистинското место и ќе оди кон последната етапа од „патот на отпадот“ – рециклирање.
Пакомак активно организира, поддржува и промовира настани со нагласен еко елемент, на тој начин истакнувајќи го правилното размислување и здравите навики пред јавноста. Традиционално секоја година го одржува фестивалот Sound of Green кој преку звукот на новата генерација испраќа порака дека сите треба да се грижиме за нашата животна средина. Уште една традиција е прогласувањето на НајЕко општина – награда која ѝ припаѓа на општината која најмногу се грижела за еколошките пракси во своите граници и која постигнала најдобри резултати во изминатата година.
Се разбира, не ги забораваме ниту најмладите, кои од мали нозе учат за еко одговорноста и во иднина треба да им пренесат на следните генерации како да се сака својата околина и како да се грижат за истата. За нив Пакомак редовно организира еко работилници, одржува едукативни часови и им остава пример како да бидат свесни и општествено одговорни граѓани.
Во 15-те години работа Пакомак успеа да испрати порака до целата заедница дека нашата здрава, чиста и убава животна средина е сечија одговорност, но и дека токму заедно можеме да ја направиме истата место на кое сме горди и среќни што го имаме. Но, таа не застанува тука. Нашата земја има толку голем потенцијал да биде вистинска зелена оаза на Балканот и за тоа е потребно само добра едукација и малку труд за да го постигнеме. Пакомак продолжува да го поттикнува „зелениот воин“ во секој од нас, а наше е да се придружиме на иницијативата. Нека овие 15 години бидат само почеток на она што ќе биде среќна приказна за сите нас!