Како што се приближуваме до денот на локалните избори, реториката ќе станува се понапната, но доколку имаме успешно оценет и реализиран изборен процес, не би требало да постојат аргументи од ниту една политичка структура да не ги прифати резултатите од изборите.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител, осврнувајќи се на можноста некој политички субјект да не ги признае резултатите од претстојните локални избори, истакна: “Сите анкети досега покажуваат убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ и постојат шанси да добие градоначалник во речиси секој град”.
Во однос на прашањето дали жали што не е тој кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, имајќи предвид дека беше во потесниот избор, Перински подвлече дека е дел од Владата и тоа и ќе остане. Тој додаде дека неговите активности во таа насока не престанале додека траеле внатрепартиските номинации и нагласи дека навистина му е мило што ВМРО-ДПМНЕ има квалитетен кандидат како Орце Ѓорѓиевски.
“Навистина ми е драго што ВМРО-ДПМНЕ има многу квалитетен кандидат, Орце Ѓорѓиевски, кој е докажан и искусен во рамки на својата општина и ќе има голем исчекор во водењето на градот”, рече Перински.
Министерот за локална самоуправа не очекува проблеми со кворумот на претстојните избори, освен, како што наведе, во една или две општини. Во однос на тоа дали независните кандидати можат да предизвикаат компликации во изборниот процес, тој рече дека ДИК има механизми за гарантирање на успешно спроведен процес.
“Точно е дека на овие избори ќе гледаме повеќе политички фолклор, отколку што сме навикнати досега, но не очекува проблеми и сметам дека е добро и ние како политички партии и независните граѓански организации еве фронт да се измерите сите па да видиме што ќе правиме понатаму. Јас секогаш сум отворен за комуникација со нив, во суштина тие тоа го бараа да нема долен праг и тоа го добија”, изјави Перински.
Во контекст на можноста за оспорување на изборите пред Управниот суд, поради тоа што законска норма е укината, но не е заменета со закон, како и можноста за владини повереници, Перински објаснува дека тие се назначуваат кога има неуспешно спроведен процес и кога нема постигнато цензус за да се одлучи кој ќе биде нов градоначалник. “Тоа сметам дека за демократијата е лошо, ако гледаме политички на нас како политичка гарнитура, кои сме во рамките на Владата може и не звучи така лошо, но на крајот на денот не гледам причина зошто би дошло до тоа кога сите политички субјекти и голем број од граѓанските организации веќе пријавија кандидатури за учество”, додаде Перински.
Во врска со Ресурниот центар за поддршка на општините, тој истакна дека тргнале од фактот дека постои одреден степен на разлики во рамките на степенот на развиеност и на регионите и на општините. Целта е повеќе да не се мерат како мали и големи, како рурални и урбани, туку да се најде модалитет сите да имаат пристап до тоа што им е потребно, а еден од најгорливите проблеми е недостиг на човечки капацитети.
Тој нагласи дека Владата, со помош на УНПД, донација од Швајцарската амбасада, како и поддршката што на Центарот ќе му се дава преку проектот на Делегацијата на ЕУ, ЕУ за општините, креирала буџет од 500 илјади евра. Од овие средства ќе се исплаќаат експертите кои ќе бидат ангажирани да им помагаат на општините, и тие ќе бидат исплаќани само доколку се ангажирани, односно нема да има нови вработувања.