Канцеларијата на палестинскиот премиер, Мохамед Мустафа, објави дека Коалицијата за итни случаи за финансиска одржливост на Палестинската самоуправа ветила најмалку 170 милиони долари финансиска асистенција за Палестинската самоуправа.
Претходно, Норвешка објави донација од 40 милиони долари, а Саудиска Арабија вети 90 милиони долари. Коалицијата апелираше до Израел да ги ослободи средствата кои се долгуваат на Палестинската самоуправа.
Израел, од 1994 година, во согласност со Парискиот договор, ги собира даночните приходи во име на Палестинската самоуправа.
Во Коалицијата за финансиска помош на Палестинската самоуправа членуваат Белгија, Велика Британија, Данска, Исланд, Ирска, Јапонија, Норвешка, Саудиска Арабија, Словенија, Франција и Швајцарија.
„Оваа коалиција е основана како одговор на итната и невидена финансиска криза со која се соочува Палестинската самоуправа“, се наведува во соопштението.
Норвешкото Министерство за надворешни работи објави: „Непосредната цел е да се стабилизираат финансиите на Палестинската самоуправа и да се зачува нејзината способност да управува, да обезбедува витални услуги и да ја одржува безбедноста“.
ми/фото: ДПА.
Извор: МИА