Почетна ЕкономијаОткриена шема со лажни директори на 380 фирми во Грција, со долг од 43 милиони евра

Откриена шема со лажни директори на 380 фирми во Грција, со долг од 43 милиони евра

од nenad
1 минути читај за

Инспектори од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) открија сложена шема, со елементи на криминална организација, која злоупотребила 205 лица, главно странски државјани, како номинални директори и одговорни лица во 380 претпријатија. Овие компании акумулирале долгови од 43 милиони евра, а во врска со случајот уапсени се 11 лица, според извештајот на дописничката на МИА од Атина.

Од ААДЕ информираа дека организаторите на оваа мрежа се десетмина грчки и еден странски државјанин, кои беа приведени по координирани рации во нивните домови. Дејностите на овие фирми опфаќаат малопродажни објекти, угостителски објекти, познат ланец за брза храна, како и компјутерски друштва.

„Инспекторите успеаја да ги проследат нивните активности благодарение на резултатите од анализите на специјален алгоритам што ААДЕ го користи за контрола на трансакциите и за проценка на вкупното даночно однесување на овие компании“, се вели во соопштението.

Поточно, алгоритмот алармираше откако беше утврдено дека 317 од компаниите, кои должат 27 милиони евра на Независната управа за јавни приходи и 16 милиони евра на ЕФКА (Фонд за социјално осигурување), „исчезнувале“ кога требало да се изврши даночен надзор. На нивно место биле регистрирани нови друштва со различни даночни броеви (АФМ), објавија од ААДЕ.

При претресите во домови на приведените биле пронајдени и одземени: 100.000 евра во готовина, 110 картички за подигнување готовина, кои припаѓаат на физички лица (фиктивни директори и други лица), поголема количина документи, 110 печати на различни компании, хард дискови, компјутери и мобилни телефони.

ср/јт/Фото: ААДЕ.

Извор: МИА