Почетна ЕкономијаОсум децении Реплек: Душан Пецовски за храбрата трансформација во современа и конкурентна фармацевтска компанија

Осум децении Реплек: Душан Пецовски за храбрата трансформација во современа и конкурентна фармацевтска компанија

од nenad
8 минути читај за

Во годината кога одбележува осум децении постоење, „Реплек“ ја заокружува една од најуспешните фази во својата понова историја. Со петкратно зголемена добивка во споредба со пред три години, сериозни инвестиции во модернизација и 75 проценти извозно ориентирано производство, компанијата денес се позиционира како стабилна и конкурентна фармацевтска компанија во нашата земја и пошироко, со јасна визија за раст и одржлив развој.

Прочитајте го интервјуто во кое генералниот директор на Реплек Душан Пецовски зборува за трансформацијата на „Реплек“, инвестициите во нови технологии и вештачка интелигенција, ширењето на странските пазари, пионерската улога во сегментот на медицински канабис, како и за стратешките цели на компанијата до 2030 година. 

Годинава „Реплек“ одбележува 80 години од своето постоење, можете ли да ги сублимирате клучните постигнувања на компанијата?

Пецовски: Ако треба накусо да сублимирам, би рекол дека овој значаен јубилеј „Реплек“ го дочека како успешна, модерна и стабилна компанија, со изградени позиции на домашниот и на меѓународниот пазар, со високо конкурентни производи, како и со континуиран раст на резултатите од нашето работење. Овие параметри се потврда дека нашите цели се остваруваат. Храбро влеговме во еден процес на целосна трансформација, која секогаш почнува одвнатре. Следеа промени проследени со значајни инвестиции во модернизација и дигитализација на нашето работење. Со посветеност и јасна визија продолживме да ја градиме компанијата како стабилен фармацевтски систем, кој располага со современа инфраструктура, усогласени GMP процеси, како и напредни производствени практики кои ни овозможуваат долгорочно да бидеме конкурентни на регионалните и на меѓународните пазари. Вложуваме и во знаење, односно во силен тим од висококвалификуван кадар, чија експертиза, посветеност и способност да се адаптираат на глобалните трендови е една од нашите најголеми вредности.

За тоа каде е „Реплек“ денес можеме да се повикаме на најновите податоци. Само во текот на оваа година  инвестиравме сериозни средства во унапредување на производствениот процес. За оваа 2025 година очекуваме добивка од околу пет милиони евра, што претставува зголемување за пет пати во однос на три години претходно. Довербата што ја ужива „Реплек“ не само дома, туку и надвор, најдобро се изразува и преку растот на нашиот извоз и бројот на освоените пазари.

Овие 80 години ги доживуваме како основа од која стартуваме нов развоен циклус, со уште повисоки цели и поголема одговорност кон пазарите, пациентите и заедницата. Нашата главна вредност е „добросостојба“, и тука, во овој збор, се наоѓа целата филозофија на нашата деловна приказна, визија и мисија, а тоа е дека ние постојано работиме на овозможување подобар и поквалитетен живот на луѓето.

ЗА ИНВЕСТИЦИИТЕ И ПАЗАРИТЕ 

Би можеле ли да ги издвоите инвестициите што ја одбележаа годинава што ја оставаме зад нас, кои се тие вложувања од кои сте особено задоволни во 2025-та?

Пецовски: Особено сме горди на новиот фармацевтски производствен блок, со кој го зголемивме производствениот капацитет на компанијата за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за 25 отсто. Тоа значеше и истовремено воведување на врвна фармацевтска технологија која овозможува зголемување на оперативната ефикасност и натамошно усогласување со највисоките стандарди за квалитет и безбедност. Во рамките на овој нов производствен блок е инсталирана најсовремена технолошка линија, во која се вградени напредни системи, како и вештачка интелигенција за контрола на квалитетот во реално време. Само вредноста на оваа инвестиција изнесува над два милиони евра. Во „Реплек“ сме уверени дека на модернизирање и осовременување на производствениот процес не треба и не смее да се штеди, бидејќи само така ќе бидеме конкурентни и дома, но и на пребирливите странски пазари, кои со право бараат и очекуваат висок квалитет и безбедност на производите.

Исто така, „Реплек“ е првата македонска компанија која целосно ја воведува најновата верзија на SAP S/4HANA Cloud Private Edition, со што започнуваме ново дигитално поглавје. Овој систем ги интегрира и автоматизира речиси сите клучни деловни процеси на компанијата. Ова не означува само технолошка промена, туку е потврда за нашата конкурентност, визија и храброст за секоја трансформација, вклучително и дигиталната. Инвестиравме и во едукацијата и комуникацијата со потрошувачите и пациентите, отворајќи го КА информативниот центар за производи од медицински канабис, прв од ваков вид во регионот. Нашите инвестиции беа насочени и кон зајакнување на регионалното присуство па така годинава отворивме наши претставништва во Србија и Босна и Херцеговина. За идната година се планирани нови инвестициски вложувања со кои дополнително ќе се зголеми капацитетот на компанијата.

Дали имате таргет за нови пазари и на што ќе се фокусирате во иднина?

Пецовски: Компанијата има силен извоз во државите од регионот, Евроазиската економска унија, како и во ЗНД државите. Всушност, континуираното зголемување на нашиот извоз е најдобрата потврда за квалитетот на нашето производствено портфолио.

Секако дека имаме визија и дефинирана стратегија за освојување и настап и на нови пазари. Во следниот период нашиот фокус ќе биде насочен кон проширување на присуството во европските држави, пред сѐ Централна и Источна Европа, како и на одредени пазари на Блискиот, но и на Далечниот Исток, каде што веќе сме во напредна фаза на нивно освојување. Како еден од пазарите кој нуди значаен потенцијал за нашето портфолио би можел да се издвои Северна Африка, и тоа е регион што многу сериозно го разгледуваме. Нашата среднорочна цел е до 2030 година бројот на странски пазари да се искачи од моменталните 25 на 40 пазари. Притоа, апсолутно остануваме посветени и на одржување на нашите традиционални пазари и партнери. Планираме и натамошно проширување на производните линии, нови технологии и натамошна дигитална интеграција. Нашата визија е јасна, да бидеме современа фармацевтска компанија со силна регионална улога и значајно присуство на меѓународните пазари.

КА ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР ЗА ПРОИЗВОДИТЕ НА БАЗА НА МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС 

За што ќе служи новиот Информативен центар наменет за информирање за производите на компанијата на база на медицински канабис?

Пецовски: „Реплек“ неодамна го отвори и КА информативниот центар наменет за информирање за производите на компанијата на база на медицински канабис, нешто што долго го подготвуваме и што ни претставува огромно задоволство. Центарот е прв од ваков вид во земјава и е уште еден пионерски чекор во сегментот на производи на база на медицински канабис. Преку Центарот промовираме нов начин на комуникација со потрошувачите, пациентите, но и воопшто со целата заинтересирана јавност. КА центарот е поврзан и со ребрендирање на нашето портфолио на производи на база на медицински канабис, на чии натамошен развој и промоција ќе работиме интензивно и во 2026 година, во која ќе одбележиме и еден мал значаен јубилеј – 10 години од воведувањето на овие производи во нашето портфолио. „Реплек“ прва ги воведе производите на база на медицински канабис уште во 2016 година, во време кога пазарот реагираше скептично, и оттогаш наваму континуирано работиме на нивен развој и унапредување. Ова портфолио денеска е еден од нашите најдинамични и најиновативни сегменти. Новиот центар овозможува подобра информираност за овие производи, што значајно ќе ги надмине стереотипите за нивната употреба. 

„РЕПЛЕК“ – НАЈТРАНСПАРЕНТНА КОМПАНИЈА НА БЕРЗАТА ЗА 2025 ГОДИНА 

Компанијата деновиве ја доби наградата од Македонската берза „Кристално ѕвоно“, по избор на медиумите, за најтранспарентна компанија за 2025 година. Како се изборивте за ова признание, со оглед што не е лесно да се добие позитивен „суд“ од новинарите?

Пецовски: Ние целосно ја отворивме компанијата, не само кон деловната, туку и кон целокупната јавност во земјава. Потврда за тоа е и наградата „Кристално ѕвоно“ за најтранспарентно котирано акционерско друштво, по избор на медиумите, што традиционално ја доделува Македонската берза за долгорочни хартии од вредност. Ова признание ја означува доследната, отворена и квалитетна комуникација на компанијата, како и високите стандарди на отчетност и транспарентност кон инвеститорите, регулаторот и јавноста. Тоа се доделува од комисија составена од искусни економски новинари кои континуирано ги следат компаниите котирани на берзата и професионално известуваат за пазарот на капитал, и токму тие се сведоци дека „Реплек“ активно информира за сите новини, без разлика дали станува збор за оперативното работење или за промени во акционерската структура на компанијата.

Акцијата на „Реплек АД Скопје“ е една од најтргуваните хартии од вредност на Македонската берза. Веќе една година акциите се дел од Македонскиот берзански индекс МБИ10, што e уште една потврда за стабилноста и довербата во компанијата, а што дава додатна мотивација за натамошно унапредување на транспарентноста. Компанијата пред извесен период направи сплит на акциите во однос еден спрема 10, со што тие станаа подостапни за поголем број акционери, што означува уште поголема отвореност кон инвеститорската заедница. 

КОЛКУ Е КОНКУРЕНТНА МАКЕДОНСКАТА ФАРМАЦЕВТСКА ИНДУСТРИЈА 

Поголемиот дел од производството го пласирате на странските пазари. Колку се конкурентни македонските фармацевтски компании?

Пецовски: Македонската фармацевтска индустрија во последниве години покажа дека не само што е конкурентна на странските пазари, туку и се наметнува како сериозен фактор во регионот, а во одредени сегменти веќе ја има и лидерската позиција. Имено, домашните компании од фармацевтската индустрија работат според исти регулаторни принципи како и компаниите во ЕУ и треба да исполнуваат идентични стандарди, а подлежиме и на строги процедури за лабораториски контроли. Практично, нашите производни портфолија имаат висок степен на усогласеност со глобалните фармацевтски практики, што во голема мерка ја зголемува довербата од меѓународните партнери. Над 75 отсто од вкупното производство е наменето за извоз, што е најзначаен индикатор дека „Реплек“ е конкурентен, препознатлив и способен да се пробива и на пазарите каде што конкуренцијата е исклучително силна. Прашањето за „Реплек“ веќе не е како да ја одржиме, туку како постојано да ја зголемуваме конкурентноста на странските пазари.