Table of Contents
Младата пејачка Марија Спасовска ни откри што ја прави најсреќна, секако, покрај музиката…
Јавноста ја запозна како наша претставничка на Детска Евровизија, по што продолжи да ниже успеси и да ги освојува симпатиите на публиката. „Темперамент“ ѝ донесе громогласен аплауз на минатогодишниот „Макфест“, а неодамна покажа исклучителна музичка зрелост со аренби-баладата „Минато“.
Талентирана, енергична и емотивна, пејачката Марија Спасовска своите почетоци ги бележи уште од 4-годишна возраст кога се претставила на детскиот фестивал „Поточиња“. Оттогаш па натаму таа неуморно ги испишува своите музички поглавја, полни со хитови и успешни настапи на многу фестивали.
Плановите за понатаму се кројат, но Марија останува мистериозна во однос на прашањето што можеме да очекуваме следно од неа на музички план. Она што ни го откри е од каде добива инспирација за текстовите на нејзините песни, на кои неретко се потпишува како автор:
„Одговорот е едноставен: инспирација добивам од секојдневието, од настаните и случувањата во моето опкружување, но може да се инспирирам и по некоја прочитана книга. Таа идеја ја разработувам и ја поврзувам со нова мелодија.“
Доброто расположение е неопходно за инспирација и мотивација, а водени по максимата „денот по утрото се познава“, нè интересираше кои утрински ритуали ги практикува Марија за ведар и енергичен старт на денот:
„Сè зависи од обврските во текот на денот. Некогаш денот ми почнува со тренинг, а некогаш, тренингот е попладне. Сакам тивки утра без многу зборување, со голема шолја кафе и појадок – тоа ми е омилениот ритуал за убав почеток на денот.“
Кога ја прашавме кое ново искуство последно ѝ има измамено насмевка на лицето, Марија без двоумење ни одговори дека тоа било испробувањето нови вкусови:
Поврзани објави
„Порано не сакав да пробувам нова храна, бројот на нештата што ги јадев беше многу ограничен. Но во последно време тоа се има променето и дефинитивно сум воодушевена од мексиканската храна. Сега можам да јадам фахитас секој ден и многу сум среќна!“
Ние ѝ посакуваме на Марија да си ги оствари сите замисли и планови, а вам ви предлагаме да си пуштите некоја од нејзините песни и да уживате!
МАРИЈА НЕ МОЖЕ БЕЗ:
Свирење пијано
Пишување поезија
Учење нови јазици
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: Стефан Трпески, Инстаграм @marija.spasovska, Louis Smith/ Kenny Eliason/ Alexander Grey/ Unsplash