Двајца новинари на Телевизија 21 и еден новинар на агенцијата „Ројтерс“, државјанин на Република Србија, вечерва се однесени и задржани во полициската станица „Центар“ бидејќи го снимале со дрон протестот на Плоштадот Македонија во Скопје. Протестот се одржа поради трагедијата во Кочани во која по пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица. Новинарите се задржани во полициската станица повеќе од часиполовина. Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека неколку новинари се повикани на разговор бидејќи немале дозвола за снимање со дрон. Попладнево Министерството за внатрешни работи соопшти дека се забранува летање дронови на подрачјето на Кочани и Штип. Во соопштението не се наведува дека забраната важи и за Скопје.