Новата година е идеална за донесување одлука да почнеме одново. Но честопати за оваа акција ни недостигаат живи примери од опкружувањето, па затоа, и покрај големата желба, сепак не преземаме конкретни чекори.
Дали се плашиме од непознатото? Затоа е важно да се запознаеме со приказните на жените кон кои животот не бил нежен, а кои станале успешни писателки, глумици, манекенки, водителки, пејачки…
Сега имаат блескави кариери, семејство и живот од соништата, а порано живееја од социјална помош или помислуваа на најлошото. Меѓу нив се оние за кои имате слушнато, но не сте можеле ни да претпоставите какво им е минатото, а има и такви чии имиња не се доволно познати – но нивните приказни еднакво ќе ве мотивираат да направите исчекор и да го преземете животот во свои раце. Затоа што новата година може да биде и нова шанса!
Ејми Перди: живот без нозе
Таа е повеќекратен светски првак во сноубординг, а на само 19-годишна возраст остана без двете нозе. Сепак, тоа не ја спречи во освојувањето на златните медали и во големата хуманост. Се потруди да обезбеди обувки за илјадници деца во Јужна Африка. Ејми Перди, како и секоја млада девојка, сонувала да патува, да биде успешна, да сака… но еден ден почувствувала премаленост и во рок од 24 часа завршила во болница на апарати со шанси помали од 2% дека ќе преживее. Лекарите констатирале бактериски менингитис, а за само два и пол месеца ги загубила слезината, бубрегот, слухот на левото уво и двете нозе.
По излегувањето од болницата се чувствував како крпена кукла“, изјави во една пригода.
Тогаш се прашала како ќе патува низ светот. И како ќе вози сноуборд? Во почетокот била очајна. Протезите за нозете ги држела подалеку од себе, не сакајќи да го прифати поразот. Бегала од реалноста. Била целосно емотивно и физички скршена, но знаела дека, ако сака да продолжи понатаму, ќе мора да се ослободи од старата Ејми и да ја прифати новата. И тогаш си го поставила клучното прашање:
Кога мојот живот би бил книга, чиј автор сум јас, како би сакала да се развива мојата приказна?“
И одлучила сè да сврти на шега.
Тогаш ми светна дека сега можам да бидам висока колку што сакам! На пример, во зависност со кого сум во врска! А ако продолжам да се занимавам со сноуборд, моите стапала веќе никогаш нема да смрзнат. И што е најдобро од сè, чевлите можам да ги купувам на распродажба, бидејќи секој број ми одговара…“
Ејми избрала да живее. Всушност, на начин во согласност со својата ситуација. Живее без еден витален орган, се движи без екстремитети, но се радува и кога нема повод за тоа. Секој ден го слави животот.
Најдраг подарок – бубрег и нозе
И додека нејзините врснички за роденден посакувале нови парталчиња и чанти, Ејми сакала нова шанса за живот и можност да се занимава со она што го сака најмногу на светот – сноубординг. За својот 21 роденден од татка си доби бубрег и специјално направени вештачки нозе. Кога повторно прооде, ја основа непрофитабилната организација за лица со инвалидитет, сакајќи да ги вклучи во активните спортови. Денес Ејми вози автомобил, танцува, шета, трча, оди во вежбалница…
Ја издаде книгата „На сопствените нозе“, а често држи мотивациски говори низ целиот свет. Во нив, пред сè, ја истакнува благодарноста за тоа што ѝ се случи. Бидејќи губењето на нозете ја поттикна да биде поактивна од порано.
Џоан Роулинг: од безнадежност до Форбсовата листа
Познатата писателка Џоан Роулинг на 28 години станала самохрана мајка и без покрив на главата, а на 30 помислувала на самоубиство. Само две години подоцна стана најбогатата жена во Велика Британија, според Форбсовата листа. Нејзините книги се преведени на 69 јазици и продадени дури во 400 милиони примероци. Но да одиме по ред. Џоан е родена во мало место во близината на Бристол.
По завршувањето на студиите, во Лондон прво работела како секретарка, и уште тогаш, додека се возела со воз од Манчестер до Лондон, ѝ се појавила идејата за приказна за мало момче што оди на училиште за волшебници. Но набрзо се преселила во Португалија, каде што се омажила за португалски новинар и ја родила ќерката Џесика, па му се посветила на семејството. Но токму тогаш почнале големите проблеми во бракот, расправии, закани, малтретирање, психичко и физичко злоупотребување…
Поднела барање за развод и, со само двомесечната ќерка во прегратките и со две-три поглавја од својата прва книга, ги спакувала куферите и го напуштила сопругот засекогаш. Се преселила во Шкотска, каде што живеела нејзината сестра, во трошен еднособен стан без греење, а преживувала од социјална помош. Понекогаш немала ни за леб и токму во тие мигови помислувала да се самоубие. Денес вели дека неуспехот бил нејзиниот извор на сила. Па, така, почнала да ги ниже страниците на нејзината добро позната сага за популарниот Хари Потер.
Издавачите ја одбиваа
Со завршената книга и полна со ентузијазам, тргнала во потрага по издавачка куќа и по поубава иднина за своето девојче. Но не можела ни да претпостави дека дури 12 издавачи ќе ја одбијат (подоцна на својот твитер-профил ги објави сликите од сите 12 писма дека е одбиена како доказ дека упорноста се исплати!). Кога конечно добила потврден одговор, добила и одредени услови: да се претстави под псевдоним, и тоа машки, бидејќи сметале дека женското име на кориците на книгата не е доволно комерцијално. Но Џоун не се откажала!
Поврзани објави
Конечно успех
По разводот, суровата борба за егзистенција, но и онаа со депресија – Роулинг сè уште верувала во љубов. И додека сите ја убедувала дека не се добива толку лесно втора шанса, таа трпеливо чекала. Седум години подоцна го запозна анестезиологот со кого денес има совршен живот – одгледуваат три деца, а Роулинг и понатаму пишува бестселери. Сега од страст, без оптоварување дали ќе бидат објавени и продавани. Филмска препорака: екранизираното дело „Магија меѓу редовите“ е приказ на животната приказна на Роулинг. Погледнете го!
Лејтон Мистер: од затвор до актерска ѕвезда
Се сеќавате на Блер Валдорф од серијата „Озборувачка“, која дефинитивно ја обележи претходната деценија? Оваа улога ја прослави холивудската бринета Лејтон Мистер, но помалку е познат фактот дека оваа актерка имала тешко детство. Лејтон е родена во затворска болница – нејзината мајка само два месеца откако забременила била обвинета за шверц на дрога. Имено, со уште неколку члена на семејството, пренела повеќе од 500 килограми опијати од Јамајка во Америка.
Дека целото семејство е проблематично зборува и фактот дека нејзината тетка е првата жена што се најде на списокот на 15-те најтешки криминалци во Америка. Бидејќи родителите ѝ биле во затвор, актерката и нејзиниот осум години помлад брат ги одгледувале бабата и дедото. На само 11 години, Лејтон се преселила во Њујорк и се запишала на глума. Почнала да добива споредни улоги, сè до денот кога ја добива улогата во најгледаната серија, која ѝ го смени животот.
И сестра и мајка
Бидејќи никогаш не можела да се потпре на родителите, актерката со судска постапка побара старателство над својот брат. По пресудата во нејзина полза, од мајка си побара засекогаш да исчезне од нивниот живот. Покрај актерската кариера, Лејтон денес успешно се занимава и со музика – на настапите свири гитара и пее. За приватниот живот не сака многу да зборува, се знае само дека се омажи за еден од главните актери на серијата „Округот Калифорнија“, Адам Броди, и дека има ќерка. Но се гледа дека е исполнета и среќна – и покрај тешкото минато, актерката секогаш ја гледаме насмеана и подготвена за секоја хуманитарна акција.
Елена Перминова: од сиромашна Русинка до икона на стилот
Ако ја следите модната сцена, сигурно сте слушнале за Елена Перминова. Најдобра другарка ѝ е Мирослава Дума, а оваа двојка често ја гледаме во првите редови на најпрестижните светски ревии. Денес шета по модната писта, со задоволство ја ангажираат за заштитно лице… иако порано продавала дрога за да преживее.
Апсење и условна казна
За животот на Елена Перминова би можело да се напише роман. Нејзините почетоци и проблематичното минато воопшто не личат на животот што го живее денес.
Еднаш татко ми ни донесе мене и на сестра ми чоколатца ‘сникерс’ и ‘марс’, а ние никогаш немавме видено такво нешто“, раскажа Елена во едно интервју.
Сиромаштијата ја натерала на 16 години да го напушти родителскиот дом и набрзо да падне во проблеми. Сегашниот сопруг, мултимилијардер, филантроп и медиумски могул Александар Лебедев, го запознала во необични околности.
Русокосата Русинка прво се вљубила во значително постар маж, кој набргу почнал да ја принудува да продава екстази во клубовите. Откако ја уапсиле, Елена, за да се заштити, се согласила да соработува со полицијата во потрагата по главниот дилер. Но и покрај соработката, руската убавица повторно се нашла на обвинителната клупа, сега без статус на заштитен сведок, а дилерот што го издала ѝ се заканувал дека ќе ја убие на улица.
И така на нејзиниот сегашен партнер Лебедев, поранешен КГБ-агент што работел на тој случај, му се јавил нејзиниот татко со молба да ѝ помогне. Лебедев ургирал и успеал девојката во која подоцна ќе се заљуби да добие условна казна, а кратко време потоа станале и љубовна двојка.
Сè за што сонувала
Перминова за кратко време стана мошне успешна моделка. Нејзиниот прв ангажман беше фотосесија за „Плејбој“, а денес вели дека не се срами од своите почетоци. Во Русија тоа е престижен магазин. Учествуваше на многу ревии, но со текот на годините, нејзините приоритети се сменија, па денес е грижлива мајка на три деца. И што е најважно, Елена е девојка што не заборава од каде потекнува, а таа доза на приземност сака да им ја пренесе и на своите деца.
И многу други…
Да се потсетиме и на другите жени чие минато би можело да ни биде поттик за иднината.
Опра Винфри беше силувана повеќепати, а доби и отказ на телевизијата – за неколку години подоцна да стане уредничка на најгледаното ТВ-шоу. Денес е една од најбогатите жени во светот.
Лујза Хеј е уште една во низата повеќекратно силувани жени. Освен тоа, заболи и од рак на матката, но ја доби битката со болеста. Како потсетник на важната животна лекција што ја научила, ја издаде книгата „Како да го излекуваш животот“.
Дру Баримор во адолесцентската доба беше зависничка од дрога, а денес е успешна актерка, која со задоволство ја гледаме на филмското платно.
И Анџелина Џоли повеќепати зборуваше за својата битка со зависноста од хероин. Да, токму според зборовите на Ејми Перди – сите ограничувања си ги поставуваме сами. И дали ќе бидеме успешни, одлучни и истрајни во новата година и во одлуките зависи исклучиво од нас.
Текст: Тамара Богунова