Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денес се сретна со неговиот бугарски колега, вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов.
Состанокот се случи во рамките на форумот „Глобална Транспортна Поврзаност”, кој се одржува во Истанбул, каде вицепремиерот Николоски имаше свое обраќање.
Според известувањето од Министерството, на средбата била подвлечена потребата од градење и унапредување на европските транспортни коридори, со особено внимание на железничкиот и патниот Коридор 8, како предуслов за регионален економски прогрес и олеснување на превозот и трговијата.
„Потенцирајќи го прашањето за железничкото поврзување меѓу двете земји, двајцата соговорници нагласија дека овој проект има регионална димензија, каде покрај економското значење, се наметнува и прашањето за стратешкото позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното море.“
Двајцата високи претставници се согласија за идна средба во наредниот период, со цел заеднички да го усогласат текстот на Договорот со кој ќе се постигне согласност за изградба на заедничкиот тунел кој треба да ги спои Македонија и Бугарија, што ќе даде поттик за реализација на железничкиот Коридор 8, се наведува од Министерството за транспорт.
Исто така, се додава дека двајцата соговорници се договориле да испратат експерти да учествуваат на состанокот за Коридор 8 што го организира Европската Комисија во јули.
бак/Фото: Министерство за транспорт.