Почетна ЕкономијаНиколоски разговараше со Димас и Киранакис за железнички врски и авио соработка

Николоски разговараше со Димас и Киранакис за железнички врски и авио соработка

од nenad
1 минути читај за

Конструкцијата на експресниот железнички правец на Коридорот 10, еколошки коридори на граничните премини, регионална коопеарција, поделотворен транспорт на роба и патници, се дел од темите што ги отвори вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на денешните две посебни средби во Атина – со министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Димас, како и со алтернативниот министер за инфраструктура и член на Парламентот, Константинос Киранакис.

Во контекст на билатералната соработка, прогресот на друмскиот и железничкиот транспорт се областите каде двете држави имаат заеднички интерес во правец на регионален напредок, беше потврдено на состаноците.

Николоски ги истакна приоритетните проекти на Владата во делот на инфраструктурата со посебен акцент на брзата железница на Коридорот 10, проект што треба да обезбеди силен придонес во економскиот развој на регионот.

Меѓу останатото, како што извести Министерството за транспорт, на состаноците се дискутираше и за модернизација на граничните премини преку формирање зелени ленти за да се овозможи побрз и поефикасен транспорт.

Соговорниците изразија задоволство од одлуката на двете држави за изградбата на граничниот премин „Маркова нога“ како предуслов за зголемување на прекуграничната соработка и подобра комуникација на граѓаните.

Се отворија и прашањата за можноста за воспоставување железнички линии меѓу двете земји, како и зголемување на кооперацијата во авио секторот преку воведување нови авиолинии.

На средбите беше потенцирана регионалната соработка и се нагласи можноста за зголемување на економската и трговска размена преку реализација на заеднички проекти.

Претходно, заменик претседателот на Владата, Николоски оствари средба и со вицепремиерот во Владата, Костис Казидакис.

Николоски и Казидакис заклучија дека соработката и реализацијата на проектите од регионално значење ќе продолжи во следниот период во насока на зголемување на ефикасноста на транспортот и меѓуграничната соработка.

Средбите на заменик претседателот на Владата, Николоски се дел од дводневната работна посета на Грција.
мч/са/фото: Министерство за транспорт.

Извор: МИА