Почетна Убавина и здравјеНие не знаевме што е ескалатор, како што Пеер брат не знаат дека без петел нема пиле! – Убавина и здравје

Ние не знаевме што е ескалатор, како што Пеер брат не знаат дека без петел нема пиле! – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

Велат, водата своите особини ги добива од слоевите низ кои тече, а човекот од поднебјето во кое е роден. И така Провинцијалецот си стекна свои манири, навики и потреби за таму каде што прв пат ги изгребал колениците низ детска игра, но животот му рече: „Ајде брат, пакувај ги куферите и сели се во метрополата…“

Броените години и денови некако брзо поминуваат, па така дојде еден септември кога требаше новата локација за живеење да биде градот на градовите во Македонија. Со многу доза на оптимизам и надеж за поубаво утре се стегнев и допатував во Скопје. Иако претходно неколку пати како мал го посетував градот под Водно врска немав кое кај се наоѓа, како што ти Пеер брат ден денеска не знаеш главна улица во АутОкоманда, бидејќи ти си од Ѓорче. Автобусот ме истовари на главната автобуска станица. Се симнав и за прв пат се почувствував како сам на светот. Нема никого, ги нема мама и тато, пријателите, симпатијата… Стотици луѓе трчаат на сите страни, а ти како пиле во магла збунето зјапаш на сите страни. Се обидуваш да прашаш некој, кој не те разбира поради дијалект кој глуми фраер/ка, бидејќи си е „дома“. Со сила, со среќа некако дознав во кој градски автобус да се качам, но ја промашив насоката. И така место да завршам на едниот, стигнав на другиот крај. И додека јас се борев да стигнам до таму каде што треба и да поднаучам кое каде е во големиот град ти Пеер брат ме хејташе, ми се потсмеваше и викаше: Као може чоек да не го знаеш СкУпје… И така деновите врвеа, а мене твоето СкУпје ми стана како второ маало. Маката ме научи, немаше кој за рака да ме држи, да го научам градот, кое кај се наоѓа, како функционира или би требало… Но ти никогаш не се ни потруди да најдеш кое кај се наоѓа У твојот роден град, а тоа никогаш за ниту еден Провинцијалец не стана разбирливо…

И кога сме кај тоа што знае Провинцијалецот, а што не, се запрашав со какви квалитети се бои секој еден Пеер брат. Можеби Провинцијалецот за прв пат во Скопје виде ексалатор кој го викаше подвижни скали, можеби Провинцијалецот прв пат во Скопје виде семафори, можеби Провинцијалецот за прв пат се возеше во градски автобус во Скопје, но ти драг Пеер брату кога мрдна од СкУпјево во провинцијата, не за друго туку да се прошеташ? Па можеби и си сакал, но не знаеш кое каде се наоѓа во Македонија, бидејќи ти од пред зграда немаш видено чекор понатаму, ама важно си од главниот град. Не може да си родум од едно место, а да не знаеш ништо за цела Македонија. Добро, кај „летам“ и јас, ти не си го знаеш ни градот. Не знаеш каде се Берово и Пехчево, а не пак Прибилци и Острилци. И кога веќе мудрувам, а сигурно со право, веднаш да појаснам, едните се краен исток другите некако накај запад…

Не е срамота да си Провинцијалецот во метрополата, срамота е да се удираш во гради колку си урбан лик без видик за светот околу тебе. Џабе ти е „Ленинова“ во лична карта кога не знаеш добар ден на улица да кажеш, Провинцијалецот тоа го прави и по 10 пати во ден на исти човек. Мало е местото, секој со секого се знае – ќе си речеш, но не. Тоа се манири и вредности кои се учат од мали нозе и остануваат за век и векови, та бил во срцето на главниот или најмалиот град во државата. Не може да си фраер/ка Пеер брату, а да немаш посетено повеќе од половина од градовите и селата во Македонија, добро ти ни Карпош 4 не си го видел, ако си од Пинтија…

Не може да си СкУпјанец, а да не знаеш која автобус за каде оди, каде треба да се симнеш. Тоа ти е како Провинцијалецот да не знае татка Маре кога, каде и како е родена, во која собра од куќата готви, а каде суши алишта. Не може да си од СкУпје, а да не знаеш ниту еден друг дијалект, макар зборчиња, а да очекуваш сите да го „кршат“ јазикот и да зборУеме по скопски… Не може да си скопјанец, а ниту еднаш да не си се качил на Водно, да си бил Матка. Тоа ти е исто како Провинцијалецот да не ги посетил сите села во околината на родниот град…

Поврзани објави

Тоа што Пеер брат не ги разбираат Провинцијалците поради дијалектите не зборува за нас Провинцијалците, туку за вас. Тоа кажува дека вие имате мака, односно немате знаење. Ние не само што меѓу себе се разбираме, иако немаме универзален провинцијалски јазик, е наша предност, а ваш пораз. И добро некои навистина можеби некои зборови не ги разбираат, но како Провинцијалците го разбираат секој Пеер брат?

Не може да си дел од Провинцијалците, а да не знаеш дека без петел кокошката џабе несе јајца, пиле никогаш нема да излезе. Не можеш да си Провинцијалец, а да не си снаодлив, особено ако си живеел во студентски дом. Тука ќе научиш дека ако ја свртиш пеглата на неа можеш да свариш кафе… Не може да си Провинцијалец, а помалку да го знаеш родниот град на било кој скопски Пеер брат.

На муабетот му нема крај, не затоа што Провинцијалецот има што толку да каже против Пеер брат, туку дека има што многу позитивно да каже за себе. До следната среда читајте го ова, а тогаш Провинцијалецот ќе ви раскаже за тоа како се носи девојка и со неа се води љубов во соба 4 на 4 во која живеат четворица. Кој спие, кој глуми, за другиот да ја „заврши“ работата…

Пишува: Провинцијалецот

Фото: pexels