Почетна МакедонијаНе е шега: Македонија даде 40 гола на Светското првенство

Не е шега: Македонија даде 40 гола на Светското првенство

од nenad
2 минути читај за

Ракометарите на Македонија ја запишаа втората убедлива победа во Президент Купот на Мундијалот, откако денес во „Орлен Арената“ го декласира Мароко со 40-25 (18-12). Избраниците на Кирил Лазаров одиграа речиси перфектен натпревар, ги користеа противничките грешки, дадоа многу голови по контри и во целост ја оправдаа фаворитската улога на овој натпревар.

За дуелот со Мароканците од составот беше изоставен Гоце Георгиевски, а во тимот се најде Марко Стојковиќ. Првиот напад го имаа Африканците, кои успеаја да добијат пенал и преку Реида да поведат. На спротивната страна, брз одговор даде Мартин Серафимов со израмнувачки гол. Голманот Мартин Томовски беше сигурен, собра две интервенции и една која не се броеше. По три неискористени напади на двете страни, Серафимов вторпат стрелаше за прва македонска предност. Следеа грешки на ривалот, па Петар Атанасијевиќ и Ненад Костески со по два гола донесоа прва поосетна предност од 7-2.

Мароканскиот селектор реагираше со тајм-аут и ја смени тактиката, па неговите играчи излегоа високо на бековите, а тоа ги натера нашите ракометари на грешки и резултатот дојде на 8-6. Во еден момент ривалот напаѓаше за враќање на гол дефицит, меѓутоа Томовски пак стапи на сцена, фати жива и фрли контра која Атанасијевиќ ја претвори во гол. Македонија успеваше да се одржи во предност со погодоците на Кузмановски и двапати Петров (12-9). До полувремето Мароко продолжи со цврста одбрана, високо излезени дефанзивци на бековите во обид да се сопрат нашите акции, меѓутоа тоа не беше преголем проблем. Македонија успеваше добро да се одбрани, а во нападите беше солидна и предноста одново дојде до +5, а во финишот и до највисоки шест гола позитива (18-12).

Второто полувреме започна со одлична наша игра и многу конфузија во нападите на противникот. Тоа доведе до серија од 6-0 на стартот на продолжението со погодоците на Костески, Кузмановски, Талески, Атанасијевиќ и двапати Ѓорѓиев. Првпат македонската мрежа се тресеше по осум ипол минути игра преку Захер. Следните минути се играше израмнето, паѓаа голови на двете страни, ама Македонија и натаму одржуваше висока предност и со 12 гола предност влезе во завршната четвртина од натпреварот. Голеадата продолжи и во наредните минути, момците во црвени дресови не простуваа и казнуваа сè што можеа, а Мароканците се обидуваа да парираат, меѓутоа безуспешно. Разликата на семафорот продолжи да расте и достигна максимални 16 гола. До крајот немаше никакви промени, селекторот Лазаров даде шанса на доста ракометари да го почувствуваат мундијалскиот ракомет и нашиот тим запиша висока победа.

Најефикасен ракометар на натпреварот беше Филип Кузмановски со осум погодоци, а одличен натпревар одиграа и крилата Атанасијевиќ со седум и Костески со шест, колку што даде и Серафимов. Меѓу стативите блескаше Мартин Томовски кој со тринаесет одбрани беше избран за МВП на мечот.

Македонија ја заврши групата на второто место зад Тунис и в среда против Јужна Кореја ќе разигрува за 27. место на Светското првенство.

Извор: gol.mk

Инспирирано од: infomax.mk

Leave a Comment