Најновата серија на Нетфликс, „Малиот ирвас“ (Baby Reindeer) важи за една од најтешките и најболните серии, додека глумата на Ричард Гад ги остави гледачите без текст
„Болно“, „вознемирувачко“, „сурово“ се зборовите со кои ја опишуваат моментално најгледаната серија на Нетфликс, „Малиот ирвас“, чиј автор и главен актер е Ричард Гад.
Серијата го опишува животот на комичарот Дони Дон, кој работи како бармен и кој се соочува со прогонување од страна на жена по име Марта.
Гледачите на оваа серија од десетина епизоди останаа шокирани кога слушнаа дека серијата е направена по вистинити случувања, бидејќи токму Ричард Гад се соочил со шестгодишно прогонување од страна на жена чиј идентитет не сакал да го открие.
Шкотланѓанецот храбро одлучил да ја раскаже својата приказна и да го повтори шестгодишното страдање низ коешто поминал поради жена која била опседната со него, а серијата „Малиот ирвас“ го добила името по прекарот што таа му го доделила.
За време на вознемирувањето, Гад добил неверојатни 41.071 пораки на имејл, 350 часа говорни пораки, 744 твитови, 46 пораки на Фејсбук и 106 страници писма од прогонувачката.
Поврзани објави
Но наместо да побегне од темата, Гад одлучил да направи стендап-шоу, а потоа сето тоа го објаснил во серијата што ја откупил Нетфликс, за да може да добие „сопствеништво“ на својата траума.
Иако му успеало да направи неверојатно впечатлива серија, многу гледачи не веруваат дека на актерот навистина му се случило тоа.
На Х луѓето не можат да престанат да ја коментираат серијата:
„Малиот ирвас’ е неверојатна серија. Ричард Гад е пеколно храбар што го направил ова“
„Комплетно сум скршен откако ја изгледав ’Малиот ирвас’ на Нетфликс. Ричард Гад ја разголува својата душа преку неверојатно, опасно смешно, длабоко вознемирувачко и катарзично ископување на своите трауми од минатото.“
„Непоколебливо, болно вистинито. Последните две епизоди особено ме скршија.“
„Останав без зборови. Фактот дека ова е вистинска приказна, а главниот актер бил жртвата – вау!“
Во разговор за Independent, Ричард Гад рекол:
„Претпоставувам дека ситуацијата, да ја наречеме така, мојот однос кон самиот себе и прогонувањето од минатото се дефинитивно завршени. Емоционалните последици и понатаму живеат. Кога ќе поминете низ прилично немилосрдното искушение на прогонувањето, тоа малку се втиснува во вашата душа.
Претпоставувам дека се занимавам со уметност за да го надминам тоа, да го разберам, да се обидам да се ослободам од сите овие сеќавања.“