Почетна ТехнологијаНа Microsoft му текна дека треба да го намали бројот на непотребни функции кај нивниот Edge

На Microsoft му текна дека треба да го намали бројот на непотребни функции кај нивниот Edge

од nenad
1 минути читај за
Shutterstock.com

Префрлувањето на развојот на Microsoft Edge на основа на Chromium кодот беше вистинската одлука на Microsoft. Edge од до некаде чуден и не до крај компатибилен прелистувач стана одлична апликација како и конкурентите, па корисниците реално веќе немаа причини зошто да не го користат овој прелистувач кој и така доаѓа инсталиран на нивниот Windows компјутер.

Меѓутоа, Microsoft е тука да ги даде овие причини за инаку одличниот Edge. Една од тие причини е карактеристична за компанијата, а тоа е константното натурање на Edge на корисниците преку банери, како и преку отежнување на процесот на избор на друг прелистувач како главен во Windows.

Уште една негативна работа која ја прават од компанијата е непотребно додавање на многу функции, кои повеќето корисници сигурно не ги користат, па дури не ни знаат дека се достапни.

Со наредната верзија од Edge, која моментално е во бета, односно Edge 117, Microsoft најави дека ќе тргне пет од овие непотребни функции. Math Solver, Picture Dictionary, Citations, Grammar Tools и Kids Mode се функциите кои ќе бидат тргнати и верувам дека никој од корисниците нема да бидат засегнати од оваа одлука.

Microsoft Edge е одличен прелистувач, па иако новите верзии имаат поголема популарност од порано, сепак никој не успева да му се приближи на Google Chrome.