Почетна ЕкономијаНа денешен ден е роден Бранко Црвенковски : Од најмлад премиер во Европа до претседател на државата

На денешен ден е роден Бранко Црвенковски : Од најмлад премиер во Европа до претседател на државата

од nenad
2 минути читај за

1962.– Во Сараево, СР Босна и Херцеговина е роден Бранко Црвенковски, поранешен претседател на Република Македонија, премиер на Владата на Република Македонија и долгогодишен лидер на СДСМ. Во 1963 година неговото семејство се вратило да живее во Скопје. Основно и средно образование завршил во Скопје. Во 1985 година дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје. Политичката кариера на Бранко Црвенковски започнала во 1990 година кога станал член на Претседателството на СДСМ. Во 1990 година, на првите повеќепартиски избори во Македонија, бил избран за пратеник во првиот состав на Собранието. Во април 1991 година бил избран за претседател на СДСМ.

На 5 септември 1992-та станал вториот премиер на Република Македонија по нејзиното осамостојување од Југославија. Со 29 години, тој бил најмладиот премиер во Европа во тој период. Вториот премиерски мандат го добил по изборите во декември во 1994 година. По поразот на парламентарните избори во 1998 година, од 1998 до 2002 година, бил лидер на опозицијата во македонското собрание. Поради започнувањето на воениот конфликт во 2001 година, Социјалдемократскиот сојуз се приклучил кон Владата на политичко единство, која била формирана со цел да запре кризата во земјата. Црвенковски, заедно со тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски и со лидерите на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери, како и со претседателот Борис Трајковски, се потписници на Рамковниот договор од Охрид. На парламентарните избори во 2002 година СДСМ повторно ја освоил власта заедно со партнерите од коалицијата „За Македонија заедно“ и во 2002 година повторно застанал на премиерската позиција.

На третите вонредни претседателски избори во Република Македонија, во 2004 година, Бранко Црвенковски бил избран за претседател на државата. За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија станала земја-кандидат за прием во Европската унија. На функцијата Претседател на Македонија се задржал до 12 мај 2009 година.

На 24 мај 2009 г. повторно застанал на чело на Социјалдемократскиот Сојуз, а по јунскиот конгрес на СДСМ (2013), претседателското место во СДСМ му го отстапил на Зоран Заев.