Судот во Куманово сепак пресмета дека на поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, не му е застарено извршувањето на казната, што значи дека засега тој останува во затворот во Идризово.
Ова за ,Фокус” го потврдуваат од Министерството за правда.
-Во однос на застареноста, неа ја констатира надлежен суд. Од известувањети кое го добивме од судот во Куманово апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје 1,К.бр.809/05 настапува на 26.03 2028 година, ни одговорија од правда.
Од таму додаваат дека последен пат е барана екстрадиција во јуни 2020 година, а претходно во 2004 и 2013 година. Всушност, последното барање од пред две години го помести рокот на застарување, затоа и апсолутната застареност е во 2028 година.
Вчера пак првичните пресметки според Кривичниот Законик, укажуваа на застареност, бидејќи поминале повеќе од 10 години откако бил правосилно осуден. Но, во игра влегоа и пресметките со барањата за екстрадиција, кога се прекинуваат роковите на застарување.
Дараврлски вчера беше уапсен на граничниот премин „Табановце“, по 20 години поминати во бегство.