Народниот правобранител на Албанија започна административна истрага за случајот со апсењето на поранешниот претседател на Република Албанија, Илир Мета. Во фокусот на оваа управна истрага се постапувањето на Државната полиција за тоа како е извршена одлуката на специјалниот суд со кој е изречена безбедносната мерка „притвор“ за Илир Мета.
Истрагата ја започнаа главно инспекторите на Народниот правобранител без да чекаат да добијат официјална жалба од Илир Мета или неговите адвокати. Случајот го истражуваат тројца инспектори на Правобранителството кои го презеле видеото на кое се гледа моментот на апсењето на Мета од страна на оперативците и РЕНЕА. Во меѓувреме, се очекува оваа недела бранителот на поранешниот претседател Мета, Генц Ѓокутај, да поднесе кривична пријава против сите полицајци кои учествуваа во акцијата за апсење на Мета. По пријавата се очекува да се надоврзат и Агенцијата за полициски надзор и Обвинителството во Тирана.