Предложените измени на Законот за животната средина отвораат сериозни прашања околу начинот на кој во иднина ќе се применуваат одредени еколошки процедури, предупредува „Еко-свест“.
Реакцијата на организацијата доаѓа пред најавеното разгледување на предлогот во Собранието, при што од „Еко-свест“ посочуваат дека дел од предложените промени може да предизвикаат правни нејаснотии наместо да придонесат за унапредување на системот за заштита на животната средина.
Особено внимание, според организацијата, заслужуваат одредбите што се однесуваат на управувањето со контаминирани подрачја, роковите за доставување елаборати и процедурите за оцена на влијанието врз животната средина.
Од „Еко-свест“ сметаат дека укинувањето или измената на одредени членови без соодветно усогласување со останатата законска рамка може да создаде проблеми во практичната примена на прописите.
Предлогот за законски измени е образложен како чекор кон усогласување со европската регулатива во делот на оцената на влијанието што проектите можат да го имаат врз животната средина. Сепак, еколошката организација оценува дека предложените промени се ограничени и не ги опфаќаат во целост целите што произлегуваат од европската директива.
Дополнителен проблем, според „Еко-свест“, може да произлезе и од поврзаноста со новиот Закон за заштита на природата, кој е во фаза на подготовка. Организацијата предупредува дека различни законски решенија треба да бидат меѓусебно усогласени за да не се создадат дополнителни празнини или спротивставености во регулативата.
Од „Еко-свест“ ги повикуваат пратениците при разгледувањето на предлогот да ги земат предвид забелешките и коментарите што се доставени за предложените измени.
Според организацијата, неопходно е законските промени да обезбедат јасни и применливи правила кои ќе ја унапредат, а не ќе ја ослабат заштитата на животната средина.