Почетна ЕкономијаМуцунски од Будимпешта: Проширувањето клучно за иднината и релевантноста на ЕУ

Муцунски од Будимпешта: Проширувањето клучно за иднината и релевантноста на ЕУ

од nenad
2 минути читај за

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во своето излагање на меѓународната конференција Budapest Global Dialogue 2025, која се одржува во главниот град на Унгарија, истакна дека политиката на проширување е од стратешка важност за релевантноста и иднината на Европската Унија. Конференцијата е организирана од Унгарскиот институт за меѓународни прашања и Фондацијата за следење на истражувањата.

Според соопштението од МНРиНТ, во своето воведно обраќање на конференцијата, Муцунски ја подвлекол потребата од проактивна и кохезивна европска политика во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Тој нагласил дека посилна и покоординирана Европска Унија, во партнерство со стабилна трансатлантска врска, претставува важен предуслов за справување со надворешните предизвици и за зачувување на безбедноста и просперитетот на европскиот континент.

Посебен акцент во неговото обраќање беше ставен на политиката на проширување, која министерот Муцунски ја оцени како од стратешка важност за релевантноста и перспективата на Европската Унија. Тој подвлече дека нашата држава и земјите од Западен Балкан се интегрален дел од европската безбедносна и економска архитектура, како и од напорите за унапредување на конкурентноста и иновативноста на Унијата. “Европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво како геополитички избор, туку како заедничка стратешка потреба и одговорност”, потенцираше министерот Муцунски.

Во своето излагање, тој исто така подвлече дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, но посочи дека постојат граници кои нема да бидат надминати, бидејќи, како што нагласи, тие ја определуваат суштината на нашиот национален идентитет. “Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација.”

Министерот Муцунски додаде: “Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме – без услови, без извинување, без бришење.” Тој појасни дека ова не е став на инает, туку на самопочит, потенцирајќи дека иднината во Европа мора да се гради врз взаемно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи, стои во соопштението на Министерството.

нд/вј/Фото: МНРиНТ
Извор: МИА