Почетна ЕкономијаМуцунски и Бурита најавија зајакната економска соработка со Мароко

Муцунски и Бурита најавија зајакната економска соработка со Мароко

од nenad
3 минути читај за

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со шефот на дипломатијата на Кралството Мароко, Насер Бурита, објавија за интензивирање на билатералната соработка, посебно насочена кон економијата, обновливата енергија, туризмот и инфраструктурата.

На денешната официјална средба во Скопје, која е прва посета на министер за надворешни работи на Мароко на нашата земја, двајцата министри потпишаа повеќе меморандуми и информираа дека пројавиле интерес за воспоставување на директни летови меѓу двете држави – чекор кој се очекува да ја подобри комуникацијата и трговската размена.

“Разговаравме за продлабочување на политичкиот дијалог и развој на партнерство во делот на економијата, туризмот, културата, инфраструктурата. Особено внимание посветивме на економската соработка, обновлива енергија, автомобилската индустрија, логистиката и туризмот. Истакнавме интерес за воспоставување на директни летови како чекор кон подобро поврзување. Денеска потпишавме неколку меморандуми, како конкретен исчекор кон поинтензивна соработка”, изјави министерот Муцунски, потенцирајќи дека денешната посета е почеток на едно ново поглавје во билатералните односи.

Одговарајќи на прашање од новинар, Муцунски истакна дека Северна Македонија и Мароко споделуваат заеднички стратешки вредности.

“Споделуваме заеднички стратешки вредности и тука го гледам односот кој што Мароко го има со ЕУ – организација од која ние сакаме да станеме дел – но и добрите односи кои Мароко ги има со САД и Обединетото Кралство, две земји со кои ние споделуваме стратешко партнерство. Од една стратешка, геополитичка гледна точка, споделуваме многу заеднички вредности. Но, билатералните односи се многу повеќе од политиката – тие треба да значат и конкретна придобивка за нашите бизниси и за нашите граѓани. Затоа следна тема која што ја отворивме ќе биде во Мароко да одржиме бизнис форум каде што ќе донесеме претставници од бизнис заедницата од нашата држава да се сретнат со тамошната бизнис заедница и да видат кои се заедничките вложувања што можат да се направат и кои се потенцијалите во трговската соработка”, рече министерот.

Министерот за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници, Насер Бурита, ја оцени посетата како историска, затоа што е прва официјална посета на марокански министер за надворешни работи во Северна Македонија.

“Оваа посета има посебна вредност и симболика. Таа е важна станица во динамиката на нашите односи кои бележат голем напредок во последните години”, рече Бурита, додавајќи дека се евидентира раст од 58 проценти во билатералната трговија во првиот квартал од 2025 година.

Тој ја потенцираше и важната улога на нашата земја во регионалната безбедност и нејзината позиција во рамките на ЕУ и НАТО.

Министерот Бурита, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека Мароко има стратешка позиција и игра важна улога во безбедноста на регионот, вклучително и на Балканот, поради активната дипломатија поддржана од кралот Мухамед Шести.

Тој нагласи дека државата е стабилен партнер на ЕУ, со сè поголеми економски врски и интереси, и дека има значајна улога во решавањето на прашањата на Блискиот Исток, посебно во односите меѓу арапските земји и Палестина.

“Мора да се најде трајно и одржливо решение со две држави – со Палестина која што ќе биде со главен град Ерусалим, и, исто така, втора држава Израел”, рече Бурита, додавајќи дека Мароко секогаш се стреми кон позитивни решенија кои ги почитуваат правата на сите граѓани.

Двајцата министри ја потврдија поддршката за процесот предводен од Обединетите нации за Западна Сахара, при што беше истакната мароканската иницијатива за автономија од 2007 година како кредибилна основа за решение.

Средбата се реализираше во рамки на официјалната посета на Бурита на нашата земја, со фокус на зајакнување на економската соработка, развој на инфраструктурни и енергетски проекти, како и унапредување на политичкиот дијалог.

Во рамките на посетата на Скопје, министерот Бурита го посети и Собранието каде што оствари средба со претседателот на Парламентот, Африм Гаши.
ар/вг/Фото: МНРиНТ .
Извор: МИА