







На настанот присуствуваа новинари, граѓански активисти, универзитетски професори, бизнисмени, дел од државниот врв, актуелни и поранешни министри и други функционери, претставници од судската и обвинителската власт, амбасадори, дипломати… За важноста на слободното и професионално новинарство и за „360 степени“ во изминатата деценија, во своето обраќање пред пристутните зборуваше главниот и одговорен уредник Васко Попетревски
„Кога нема да поставиме тешко прашање, нè обвинувааат дека сме нечии пудлици. Кога ќе отвориме тешка тема, нè обвинуваат дека сме нечии платеници. Па, еднаш сме ’комуњари’, другпат сме се продале на ВМРО, третпат сме предавници зашто кај нас се зборува и на албански, а редовно сме ’поштари на Калето’. Доброто новинарство е контроверзно само по себе. А, да се изложиш и да издржиш критика е нешто без кое не може да се опстане во оваа професија. Десет години издржавме. И планираме да продолжиме“, порача Попетревски во својот говор. Првата емисија беше емитувана на ТВ Алсат на 15 септември 2014 г. Од 2023 г. емисијата се емитува на МРТ 1. Во меѓувреме, „360 степени“ почна да издава и дневен информативен портал.