Почетна ЕкономијаМОН додели 54 милиони денари за научно-истражувачки проекти на јавните научни и високообразовни установи

МОН додели 54 милиони денари за научно-истражувачки проекти на јавните научни и високообразовни установи

од nenad
1 минути читај за

 

Министерството за образование и наука преку два јавни огласи додели над 54 милиони денари на државните научни институции за реализација на научно-истражувачки проекти, како и на високообразовните институции кои во партнерство со бизнис заедницата извршуваат проекти од особен научен и јавен интерес, кои се поврзани со целите на Стратегијата за паметна специјализација на Македонија.

Како што извести Министерството за образование и наука, со 23,7 милиони денари ќе се финансира спроведувањето на осум проекти, со кои осумте независни државни научни институции, односно институти, аплицираа на објавениот повик на МОН за давање на средства за поддршка на нивната активност, која е од висок стратешки и национален интерес за земјата. Конкурсните услови предвидуваа давање до три милиони денари по проект, а резултатите се објавени на следниот линк.

Понатаму, пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес, кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот во рамките на паметната специјализација на државата, ќе се финансираат со 30,4 милиони денари. Конкурсот кој беше објавен за оваа цел, предвиде распределба на средства во износ до најмногу 8 милиони денари по проект, а резултатите се објавени тука.

Министерството известува дека дополнително ќе бидат објавени и резултатите од третиот јавен повик, кој е дел од програмата за поддршка на научно – истражувачката дејност во Македонија за 2025 година, преку кој ќе се финансираат иновативни проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и Македонската академија на науките и уметностите. „Секој прифатен проект ќе добие до 8 милиони денари.“ Буџетот за наука во 2025 изнесува 680 милиони денари, што е речиси двојно зголемување споредбено со буџетот од 2024 година.

мд/нд/Фото: МИА архива
Извор: МИА