Во функција се ставени првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на делницата од Врбјани до Ботун.
За актуелната власт, отворањето на оваа траса претставува доказ за разликите помеѓу нив и политичките противници, како и потврда за посветеноста и трудот на оваа Влада, за разлика од претходната, која го остави проектот запоставен и заборавен, без работници, инженери и механизација.
На свеченото пуштање во употреба присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека ова не е само отворање на делница, туку и момент на враќање на довербата и доказ дека кога се презема одговорност со чиста совест и искрена намера, тогаш промените се случуваат. „Само една година откако ја преземавме одговорнста да ја водиме државата успеавме да го откочиме еден од најголемите и најзаглавените инфраструктурни проекти во Македонија. Проект кој со години стоше како симбол на застој, срамна слика за држава што такпа во место, а денес е симбол на новото време. Денеска само една година откако ја добивме довербата од народот покажуваме што значи вистинско работење со дела, а не со зборови. Секој метар од автопатот е изграден со напорна работа, но и со јасна волја за напредок и да се стави крај на неуспесите од минатото“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека како Влада не застануваат тука и дека следната година автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно завршен и пуштен во употреба. Тоа, како што нагласи, нема да биде случајна победа, туку планиран успех и резултат на вредна, секојдневна и одговорна работа.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, исто така се согласува дека овој автопат јасно ја покажува разликата меѓу сегашната и минатата Влада. Тој изрази големо задоволство што може да ги види првите 20 километри во реалност, кои граѓаните од цела Македонија ќе можат да ги користат за побрзо патување до Тетово, Гостивар и Скопје, како и за поврзување на Македонија со Албанија и отворање на големите туристички центри Охрид и Струга за сите посетители. „Ветив дека за проблемите ќе зборувам кога ќе го завршиме целиот автопат на крај на следната година. Само сакам да кажам две работи, првата дека ова беше симбол за неспособноста на минатата Влада на СДСМ и ДУИ, ова беше заборавен напуштен проект на кој немаше работници, инженери, ниту машини, и ова е проект кој е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика помеѓу нас и нашите политички опоненти. Второт е дека е многу значајно и симболично е што првиот дел од патот го отвораме во славна Дебарца – овде има многу историја, многу приказни а сега и модерен автопат”, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Николоски.
Тој изрази надеж дека за многу кратко време ќе биде завршен и вториот дел, а до крајот на идната година и целиот автопат. Вкупната должина на автопатот изнесува 57 километри.
сст/аб/Фото: МИА
Извор: МИА