Фото: Facebook / Hristijan Mickosk
Премиерот Христијан Мицкоски и лидерите на земјите од Западен Балкан, во Њујорк имаа средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
Остваривме средба со Каја Калас, на која беа разменети мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за понатамошно зајакнување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен, безбеден и просперитетен регион, објави премиерот Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Мицкоски, учествува на Генералното собрание на ОН во Њујорк, претходно учествуваше на состанокот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан, имаше средби и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и со премиерот на Косово, Албин Курти.
Мицкоски учествуваше и на панел-дискусијата на високо ниво „Reaffirming the promise of peace: using the power we have“, чиј домаќин во Њујорк беше претседателот на Финска, Александар Стуб, на која се разговараше за важноста на мирот, дијалогот, одговорното лидерство и улогата на државите и меѓународните институции во справувањето со глобалните предизвици.
Мицкоски воедно оствари и средба и разговор со претседателот Стуб, на која е истакнато значењето на почитувањето на меѓународното право, силната мултилатерална соработка и потребата од градење стабилна и безбедна Европа.
Македонија останува посветен партнер во напорите за мир, стабилност и соработка, како членка на НАТО и земја стратешки определена кон европската интеграција, напиша премиерот Мицкоски на Фејсбук.
Post Views: 34
Извор : vesnik-ilinden.com
Мицкоски и лидерите на земјите од Западен Балкан на средба со Калас во Њујорк