Постојаниот пораст на индустриската продукција е исклучително поволен сигнал за македонското стопанство.
Во текот на јули годинава, индустриското производство забележа зголемување од 4,1 процент во споредба со истиот период лани.
“Јули е првиот индикатор за третиот квартал од 2025 година”, објави премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил.
“Преработувачката индустрија е носечки фактор за порастот на индустриското производство со раст од 7 отсто споредено со истиот месец минатата година.”
Гледано кумулативно, индустриското производство од почетокот на годината до месец јули (во првите седум месеци од 2025 година) порасна за 3 отсто во однос на истиот период претходната година, додека преработувачката индустрија забележа раст од 4,5 отсто за истиот период.
“Целосно се менува структурата на македонската економија”, се наведува во објавата на Мицкоски.
Тој потенцира дека се зголемува бројот на туристи и ноќевања, се зголемува бруто-домашниот производ, се зголемува откупната цена на земјоделските производи, расте градежништвото, се зголемува трговијата итн… “Од земја во која криминалот и корупцијата беа секојдневие, а анти националната политика беше заштитен знак за владата, сега сме земја на економски раст, победи и стабилност.”
“Чекор по чекор ќе направиме и многу повеќе. Нема откажување. Патриотска политика на дипломатијата со цел заштита на националните интереси”, потенцира премиерот Мицкоски во својата објава на Фејсбук.
вј/Фото: МИА архива и принтскрин .