Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Владата е во континуирана комуникација со Соединетите Американски Држави како стратешки партнер. Тој изрази надеж дека наскоро ќе пристигнат позитивни вести за граѓаните и економијата на Северна Македонија. Оваа изјава беше дадена како одговор на прашањето за евентуалното влијание на зголемените даноци од САД врз македонската економија.
Мицкоски прецизираше дека комуникацијата се одвива на повеќе нивоа. “Со нашиот стратешки партнер САД сме во постојана комуникација и со министерството за економија, кое што го предводи Хауард Лутник, кој што е мој личен пријател, и со министерството за финансии, и со Стејт департментот и со кабинетот на претседателот Доналад Трамп,” рече Мицкоски, одговарајќи на прашањата на новинарите по неговата посета на Општина Тетово.
Премиерот додаде дека ова прашање било дискутирано и на средбата помеѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и американскиот државен секретар Марко Рубио во Брисел.
“На дневна основа работат тимови и телефонски се слушаме и разговараме. Очекувам многу скоро, денеска убава вест за македонските граѓани и македонската економија,” заклучи Мицкоски.