Разговорот меѓу Трамп и Путин отвори простор за нови дипломатски иницијативи, но не донесе јасни чекори кон прекин на огнот во Украина. Европските лидери најавија засилување на санкциите кон Русија, додека Киев инсистира на вклученост на меѓународни партнери во мировниот процес. Разговорот што се најавуваше како дипломатски пресврт за претседателот на САД, Доналд Трамп, во обидот да се стави крај на војната во Украина, заврши со уште повеќе прашалници, и за неговата подготвеност да влијае врз мировниот процес, но и за единството на трансатлантските партнери, јавуваат западните медиуми. И покрај надежите, двочасовниот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин не донесе конкретен напредок. Наместо тоа, изјавите по разговорот покажаа колку е далеку какво било решение. Трамп изјави дека Русија и Украина ќе почнат разговори „онака како што само тие можат“, што аналитичарите го оценија како попуштање кон Москва, која веќе одби предлог за 30-дневен прекин на огнот и инсистира на веднаш започнување на преговори за мировен меморандум, стратегија што многумина ја гледаат како изговор за продолжување на офанзивата.