Министерството за животна средина и просторно планирање објави дека капацитетот за рециклирање на батерии и електронски отпад, каде што вчера избувна пожар, има важечка дозвола за управување со отпад, издадена од ова Министерство.
“Надлежните служби веднаш интервенираа и работат на целосно локализирање и гасење на пожарот.”
Со цел да се обезбедат прецизни и транспарентни информации во врска со можното влијание врз животната средина и здравјето на граѓаните, Министерството ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на воздухот во загрозеното подрачје, посочи МЖСПП вечерва во известување.
Беше најавено дека резултатите од овие мерења ќе бидат јавно достапни веднаш по нивната обработка и дека првите резултати се очекуваат уште вечерва. Министерството нагласи дека ќе продолжи континуирано и навремено да ја информира јавноста за сите идни активности и сознанија поврзани со овој настан.
Додека се чекаат резултатите од мерењата, се советуваат граѓаните во погодената област да ги спроведат следниве мерки за заштита: 1. “Останете дома – Избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот.” 2. “Затворете ги прозорците и вратите, за да се намали можноста за внесување на загаден воздух во просториите.” 3. “Исклучете надворешна вентилација, Избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор.” 4. “Заштитете ги ранливите групи – Децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор.” 5. “Користете заштитни маски – Ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3.” 6. “Бидете внимателни со храна и вода – Темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори.” 7. “Следете ги официјалните информации, Редовно информирајте се преку каналите на Министерството.”
“Министерството апелира на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата”, се вели во известувањето.
лв/паг/Фото: МИА архива
Извор: МИА