Главниот извршен директор на АД МЕПСО, Бурим Латифи, заедно со неговиот тим, реализираше средба во Приштина со вршителот на должноста извршен директор на косовскиот оператор КОСТТ, Шабан Незири. На средбата се дискутираше за проектот за конструирање на нов интерконективен вод од 400 kV Тетово – Призрен.
“Во сржта на дискусијата беше стратешкиот проект за изградба на нова интерконективна линија од 400 kV Тетово – Призрен, со кој ќе се воспостави цврста енергетска врска помеѓу Северна Македонија и Косово,” информираат од МЕПСО.
Проектот претставува дел од регионалниот план за унапредување на мрежата, координиран со европската платформа ENTSO-E.
Како значајни бенефити од проектот се издвојуваат: пораст на капацитетите за пренос на електрична енергија помеѓу двете држави, унапредување на стабилноста и безбедноста на снабдувањето, поголема продуктивност во трговијата со енергија во регионот и поддршка за вклучување на обновливи извори и зелена транзиција.
“Двете страни постигнаа согласност да ја засилат техничката и институционалната соработка за остварување на проектот од заеднички и регионален интерес,” стои во објавата од МЕПСО.
вг/бак/Фото: МЕПСО.