Како што информира Георгиевска, за функцијата директор на ОТА се пријавило 21 лице.
Одлуката за распишување на оглас за избор на нов директор на ОТА, Собранието ја изгласа на 5 септември, на само два дена пред истекот на петгодишниот мандат на претходниот раководител Зоран Ангеловски, а утредента беше објавена во „Службен весник“.
За директор на ОТА, како што беше наведено во огласот, согласно Законот со кој е уредена надлежноста и работата на оваа независна државна институција, може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, кое има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во областите информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство, безбедност, компјутерска безбедност, правни или економски науки. Исто така, се бараше и минимум десетгодишно работно искуство во овие области по завршеното образование.
ОТА од почетокот на септември е без директор, со што е оневозможено нејзиното функционирање. Претходниот директор Ангеловски уште тогаш предупреди дека, доколку набрзо не се избере директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.
„Во Законот за Оперативно-техничка агенција (‘Службен весник на Република Македонија’ број 71/18 и ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ број 98/19), иако се уредени повеќе прашања поврзани со надлежностите и раководењето на ОТА, не е уредено прашањето за раководењето на институцијата по истекот на времетраењето на мандатот на директорот од пет години, во случај кога на денот на истекот на мандатот сè уште не е завршена постапката за избор на нов директор, односно важечкиот закон не предвидува можност во тој случај кога истата е без легитимно избран директор со важечки мандат од страна на Собранието на РСМ, со институцијата да раководи друго лице (в.д. директор, заменик-директор, совет и слично), а со тоа ниту да се даваат овластувања за спроведување на законските надлежности на ОТА кои произлегуваат од директорот како единствено надлежно раководно лице“,
изјави Ангеловски за „360 степени“.
Оперативно-техничката агенција (ОТА) како самостоен и независен државен орган беше формирана по реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија (ЕК) на чело со Рајнхард Прибе.Со серија законски измени што ги уредуваа овие прашања и за кои беше потребно двотретинско мнозинство, УБК доби свој наследник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која задржа (голем) дел од надлежностите, додека ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување преминаа во ОТА.