Марија Шерифовиќ вчеравечер растури на концертот во Скопје – проба ајвар на бина, ѝ се поклони на публиката, дури и се прекрсти во неверување на она што ѝ се случува, па порача: „Ме оставивте без текст“. Српската и балканска ѕвезда Марија Шерифовиќ синоќа (10.11) одржа концерт во арената „Борис Трајковски“, на кој, не само публиката, туку и таа ќе се сеќава цел живот.Пејачката уште на првата песна беше пречекана со овации, а публиката запеа со неа во еден глас.
Како што се нижеа песните, така се зголемуваше еуфоријата, а атмосферата ја доживеа својата кулминација кога Марија ја испеа евровизиската „Молитва“.
Всушност, Шерифовиќ и не пееше, туку како да ѝ диригираше на неколкуилјадната публика, која во цел глас ја пееше песната од прв до последен стих.

На неколкупати во текот на концертот пејачката велеше дека не е свесна што ѝ се случува и се заблагодаруваше за љубовта што ја добива од македонската публика. Во еден момент на Марија ѝ подарија тегла со ајвар, а таа го проба „македонскиот кавијар“ и го оцени со 8,5.
Публиката ѝ правеше ѕвездено небо, а секоја песна ја наградуваше го громогласен аплауз и овации, па ни Шерифовиќ во ниеден момент не ги криеше своите емоции.

Подеднакво беа воодушевени и членовите на нејзиниот бенд, кои објавија фотка на Инстаграм Стори со порака „Вистинска бајка во Скопје“.

Шерифовиќ пееше скоро два и пол часа и ги остави срцето и душата на сцената.
И додека си одеше од салата, на Инстаграм Стори објави видео, под импресии од она што самата таа го доживеа на концертот.

Сè уште емотивна, и по малку збунета, кажа дека останала без текст, што не ѝ се случува често:
„Сакам да изјавам за медиумите дека ова што го доживеав вечерва во Скопје, не се опишува со зборови.
Како што кажав и на концертот – ме оставивте без текст… без текст… без текст!
Јас не знам што се случи вечерва, кои планети се споија, какви луѓе сте, каква публика сте, што е ова.

Драги господа, ми беше неверојатно голема чест и задоволство да пеам за сите вас.
Ве сакам до бесвест. Ви благодарам многу, се гледаме… еве, да не поминат пак 6 години“.
Неполн ден по концертот, Марија своите впечатоци ги сподели и преку објава на Инстаграм, но повторно со многу емоции и неверување од она што македонската публика ѝ го приреди сношти во Скопје.
Па, таа напиша:
„Каков викенд. Ниш, никогаш не сте ме разочарале, фала ви на љубовта која трае.
Но, она што мора да го издвојам… Македонија. Македонци. Што ми направивте? Мислев дека не може подобро по концертот во 2018-та. А всушност…
Фала на љубовта, фала за секој испеан стих. Фала што бевте поглесни од мене и мојот бенд. Фала за ајварот. Фала за насмевките.
Ви ја дадов душата, а зедов малку од вашата. Да си ја понесам. Да ме лечи.
Синоќа ви кажав сè. Бидете добри и останете ми со добро.
И знајте дека мирниот сон нема цена.
Македонијо – ВЕ САКАМ!“