Македонското друштво “Илинден“-Тирана и Македонскиот весник “Илинден“ упатија искрени честитки до “Нова Македонија“ по повод 82-годишнината од излегувањето на првиот национален дневен весник во слободна Македонија, на македонски јазик и на неговото кирилско писмо.
Во честитката, упатена до Ратко Лазарески, директор на „Нова Македонија“, се истакнува значајната улога на весникот во афирмацијата на македонската држава, народ, јазик и култура.
“Нова Македонија“ беше и остана еден од симболите на македонската држава и на македонскиот народ“, се наведува во честитката, во која се нагласува и немерливиот придонес на весникот во претставувањето на цивилизациските и културолошките вредности и творештвото на Македонците, како и во промовирањето на достигнувањата на поединци и групи.
Во честитката се посочува дека, и покрај промените што ги донесе осамостојувањето на Република Македонија, “Нова Македонија“ продолжи да ја потврдува својата улога во македонското новинарство, потпирајќи се на професионалноста, сериозноста и одговорното информирање.
Македонското друштво “Илинден“-Тирана и Македонскиот весник “Илинден“ ја истакнуваат и меѓусебната соработка со „Нова Македонија“. Македонскиот весник “Илинден“ е првиот весник на Македонците во Република Албанија и на Балканот што е дел од порталот на “Нова Македонија“.
Од друштвото и весникот изразуваат уверување дека соработката ќе продолжи и во иднина, во интерес на вистинитото и објективно информирање, како и на афирмацијата на македонскиот јазик, култура и идентитет.
Честитката е потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана и уредник на Македонскиот весник “Илинден“.
Post Views: 74
Извор : vesnik-ilinden.com
Македонско друштво “Илинден“-Тирана упати честитка до “Нова Македонија“ за 82-годишнината