По речиси две години подготовки и технички усовршувања, Дејан Трајковски го реализираше првиот посериозен тест на фреквенција од 475 kHz, во рамките на радиоопсегот од 630 метри. Резултатите ги надминаа очекувањата – неговиот сигнал бил регистриран од 116 радиоаматерски станици низ Европа, а најдалечниот прием бил забележан на Азорските Острови, на оддалеченост од дури 4.399 километри.
Трајковски информира дека тестирањето следело по долг период на подготовки, добивање дозвола од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), како и низа успешни и неуспешни обиди. Овојпат емитувал со значително поголема моќност во споредба со претходните тестови, кога сигналот го регистрирале во просек околу 30 станици.
Од вкупно 116 станици што го примиле сигналот, само осум биле на оддалеченост помала од 500 километри. Дури 30 станици се наоѓале на повеќе од 2.000 километри, седум на над 2.500 километри, а три на растојание поголемо од 3.000 километри. Меѓу нив биле радиоаматерски станици од Исланд и Канарските Острови.
Најдалечниот прием бил од станицата CU8/NU6F на Азорските Острови, оддалечена 4.399 километри од Македонија. Посебно интересен е и податокот дека станицата SV8RV од грчкиот остров Закинтос, на само 363 километри од локацијата на Трајковски, го примала сигналот во текот на целиот ден преку површински бран.
Ноќните услови за простирање на средни бранови биле послаби од просечните. Во текот на ноќта биле регистрирани 26 станици, а најдалечниот прием бил од Шпанија, на 2.222 километри.
Зад постигнатиот резултат стои и сериозна техничка подготовка. Предавателот работел во автоматски режим, користејќи WSPR технологија, со двеминутни интервали на емитување. Според Трајковски, уредот го издржал целоноќното тестирање без проблеми, а излезните транзистори од типот IRFP260 останале на ниска температура благодарение на системот за ладење.
При тестирањето биле измерени 206 W влезна и 123 W излезна моќност пред нископропусниот филтер, со ефикасност од околу 60 проценти. Иако предавателот е проектиран да достигне моќност од 250 W, засега работел со ограничена моќност поради загревањето на јадрата во излезниот филтер.
Следниот чекор е измена на филтерот и замена на постојните јадра со надворешни филтри со воздушни завојници. По оваа интервенција, предавателот би требало да може да ја достигне проектираната моќност, што би можело да овозможи и поголем домет на сигналот.
Трајковски наведува дека антенскиот систем бил одлично прилагоден, со SWR од 1,1, што придонело за успешното тестирање. Во поширокиот регион на источна и југоисточна Европа, според неговите сознанија, активноста на овој опсег е многу ограничена, а тој е првата и засега единствена активна радиоаматерска станица од Македонија на 630 метри.
Веќе пристигнале и првите барања за договорување двонасочни радиоаматерски врски. Трајковски најавува дека нивната реализација ќе ја остави за наредните викенди, а засега ја издвојува првата остварена врска од Македонија на овој опсег со Спирос, SV8CS.