Почетна ЕкономијаМакедонски претприемачи и креативци добитници на регионални признанија на „Business Beat 2026“ во Црна Гора

Македонски претприемачи и креативци добитници на регионални признанија на „Business Beat 2026“ во Црна Гора

од nenad
2 минути читај за

 

Изминатиот викенд, во уникатниот амбиент на Луштица, Црна Гора се одржа Business Beat 2026 — регионален бизнис experience настан кој обедини повеќе од 150 млади претприемачи, стартап основачи, инвеститори, креативци и претставници на бизнис заедницата од Западен Балкан.

Настанот, организиран од Унија на млади претприемачи Црна Гора и Бизнис Инфо Центар Тиват, беше дел од пошироката регионална соработка помеѓу младите претприемачи од Македонија, Црна Гора и Србија, која веќе четири години активно создава простор за поврзување, соработка и заеднички развој.

Во изминатите четири години, регионалните вмрежувања и бизнис настаните се организираа и во Македонија и во Црна Гора, собирајќи повеќе од 1000 млади претприемачи од регионот. Според организаторите, преку овие иницијативи досега се реализирани повеќе од 600 вистински бизнис конекции, партнерства и соработки помеѓу млади компании и претприемачи од Западен Балкан.

„Business Beat 2026“ понуди концепт кој оди далеку подалеку од класична конференција. Во текот на трите дена, учесниците беа дел од конференциски сесии, гала вечер со доделување регионални награди, нетворкинг настани покрај марината, голф активности и неформални дружби, со фокус на создавање реални релации и нови регионални можности.

Во рамки на настанот беа доделени и регионални признанија за млади луѓе кои оставаат значително влијание во своите области. Меѓу добитниците беа и четири претставници од Македонија.

Кристијан Стефановски, основач на Scoop Artisan Gelato, ја доби наградата „Food Innovation Award“ за развојот на современ бренд кој успешно се развива и дистрибуира низ Македонија, со иновативна амбалажа која ја одржува температурата на производот.

Теа Трајковска беше добитничка на наградата „Media Influence Award“ за нејзиното влијание во медиумскиот простор и автентичната комуникација со младата публика.

Марија Десанова ја доби наградата „Runway Impact Award“ за впечатливиот креативен пристап и модната ревија реализирана преку брендот Minnimal.

Регионално признание доби и Ивона Трајановска, Претседател на Здружение на млади претприемачи ФЕНИКС РАЈЗИНГ, која беше наградена со „Regional Impact Award“ за нејзиниот придонес во развојот на регионалната соработка и поврзувањето на младите претприемачи од Западен Балкан.

„Во време кога младите сè почесто размислуваат индивидуално, ваквите регионални иницијативи покажуваат дека најголемите можности се создаваат токму преку поврзување, доверба и заедничка поддршка. Во изминатите четири години создадовме заедница која не функционира само за време на настаните, туку продолжува да соработува, да создава нови бизнис приказни и да отвора можности низ целиот регион“, изјави Трајановска.

Младите уште еднаш покажаа дека новата генерација претприемачи од Балканот не бара само вмрежување — туку создава вистинска регионална заедница базирана на соработка, доверба и заеднички раст.